Црвена Младина со бесплатна правна помош за студентите кои неосновано се одбиени за студентско легло
Претстојната академска година студентите ќе ја започнат со 2 583 студентски легла на располагање во Скопје, односно 492 за бруцоши и 2091 за останатите студенти. Тоа е намалување од минатата година за 466 легла, а ако се погледнат статистичките податоци за изминативе четири години бројот на студентски легла е намален за 1 432. Ова пред сѐ се должи на неводењето грижа за младите и студентскиот стандард со што и така скромните студентски услови се доведоа под сите стандарди.
Ако минатата академска година студентите ја паметат како вистинска борба за место во студентските домови во Скопје, за оваа уште од сега може да се претпостави што ќе се случува…
Континуираниот пад на слободни легла се должи на целосно или делумно затворање на студентските домови заради наводна реконструкција на истите. Евидентно е дека СД „Кузман Јосифовски – Питу“ е затворен од 2022 година, а со реконструкција е започнато пред два месеца. СД „Томе Стефановски – Сениќ“ веќе четврта година има 203 легла помалку во однос на 2020/2021. СД „Стив Наумов“ четири години беше делумно затворен поради најавена етапна реконструкција која не се реализираше, а од оваа академска година истиот е целосно затворен.
По сѐ, може да се заклучи дека властите дејствуваат измамнички и неодговорно, неплански ги затвораат студентските домови и притоа не нудат никакви алтернативи за студентите надвор од Скопје коишто се одлучиле да студираат на скопските универзитети (претежно УКИМ).
Напоменуваме дека во минатиот парламентарен состав Левица предложи ограничување на кириите, односно воведување на горна граница на износот на кириите, но предлогот беше одбиен од страна на коалицијата која изминатите години активно работи на целосно уништување на студентскиот стандард и протерување на младите надвор од Македонија. Благодарение на инквизаторите на младите, кириите од ден на ден сѐ повеќе растат, а ништо подобро не е ниту во однос на билетите за меѓуградски превоз.
Ваквите услови и негрижата за студентите е сериозен удар по џебот на младите и нивните семејства. Недозволиво е државата да ги изложува младите на трошоци поради кои би биле принудени да ја преиспитаат својата намера за високо образование!
Оттука, ја повикуваме актуелната власт на ДПМНЕ и коалицијата, конечно постизборно да се стави во кожа на студентите и итно да им понуди алтернативни решенија за непречени студии, односно олеснувачки околности при вакви ужасно мали расположливи капацитети во студентските домови.
Дополнителен проблем е и нетранспарентноста во процесот на одлучување по пријавите на апликантите за легло од страна на Комисијата за прием. Неретки се случаите во кои студентите се принудени да се зачленат во политичката партија на власт доколку сакаат да бидат примени во некој од студентските домови, а јавна тајна е дека апликантите од владејачката гарнитура имаат приоритет.
Познавајќи ги овие практики, Црвена младина нуди бесплатна правна помош за секој апликант којшто смета дека постојат индиции за дискриминација или е неосновано, неправедно одбиен. Воедно, ги охрабруваме студентите до нас да ги пријавуваат сите уцени и дополнителни барања во овој процес, по коишто понатаму ние би презеле соодветни мерки, стои во соопштението на подмладокот на Левица, Црвена Младина.