Левица: Денот на сесловенските просветители – еден од најсветлите празници за македонската историја
- Соопштение на политичката партија Левица
Значајни за Македонија, но и за останатите словенски народи, Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост имале единствена мисија: да создадат писмо за својот јазик, да шират просвета, „за слепи да прогледаат и глуви да чујат“.
Беа на страната на послабите и обесправените, во одбрана на оние кои немаа писмо и книги на свој јазик, создавајќи им слово, преведувајќи книги од грчки на словенски.
Се бореа со мудра мисла и со моќта на ЗБОРОТ. Правично, правдоборно и со факти.
Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на Солун, Кирил ја создава првата словенска азбука – глаголицата.
Нивната мисија нема само просветителска кауза, туку и политичко-културолошка, општествено-дипломатска, а меѓу другото, и во смисла на декомпонирање на јазично-теолошкиот систем на тогашното германско свештенство.
Солунските браќа се бореа и против тријазичноста:
„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“
Кирил Филозоф своевремено ги бранеше јазикот и писмото пред многу векови. Денешните наши тенденции се да ги поттикнуваме граѓаните на критичко мислење, а особено младите. Кирил Филозоф нека биде пример пред сите нив и пред сите нас за одбрана, конструктивност и правдоборност!
Кирил и Методиј создадоа азбука, преведуваа, просветуваа. Проблемот го решија трајно, но оставија АМАНЕТ.
АМАНЕТ за да си ги браниме јазикот, азбуката и просветата од сите внатрешни и надворешни напади!
Денес напади има повеќе од било кога! Но денес имаме и АРГУМЕНТИ за одбрана повеќе од било кога!
Да се продолжи достојно влогот на Кирил и Методиј!
Честит празник на сесловенските просветители!