Народната банка ја покачи основната каматна стапка седми пат за една година

Речиси сите деловни банки извршија корекции на надоместоците за водење трансакциски сметки и подигнување готовина од шалтер и од банкомати, а Народната банка ја покачи основната каматна стапка седми пат за една година, овојпат на 4,25 отсто што ќе значи ново поскапување и на кредитите и каматите на кредитните картички.

Граѓаните почнаа да добиваат електронски известувања за зголемени тарифи, трошоци и провизии дури и за подигнување на готовина од шалтер, што е честа практика кај пензионерите.

Почнувајќи од 20 декември Комерцијална банка ќе ја измени висината на надоместокот за подигнување готовина на шалтерите на банката од девизни трансакциски сметки, орочени и неорочени депозити и од денарска трансакциска сметка. Надоместокот ќе изнесува 0,1% по налог, односно минимум 30 денари, а максимум 500 денари.

Потсетуваме дека Пратениците на Левица во Собранието на Република Македонија, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, поднесоа Предлог-закон за дополнување на Законот за платен промет, чија основна цел е намалување на екстрапрофитите на банките кои ги остваруваат преку т.н. некаматни приходи, а неосновано ги наплаќаат од граѓаните и од фирмите. Овој закон беше одбиен од владејачките СДСМ и ДУИ.

Халк Банка ќе ги зголемува членарите на кредитни картички од 1200 на 1500 денари, како и надоместоците за изработка на картички од 150 на 200 денари. А се зголемува од 600 на 900 денари и годишната членарина за дополнителните кредитни картички.

Од Комерцијална банка за „А1он“ велат дека ќе биде потребно уште време земјава да го достигне трендот од развиените земји и да се сменат навиките на сите учесници во плаќањата од купувачи, продавачи до носители на платниот промет, алудирајќи на развојот на каналите кои овозможуваат безготовински плаќања: работење со картички, електронско банкарство и мобилно банкарство.

„Овие канали овозможуваат вршење на плаќања без надомест или со понизок надомест отколку на шалтер. Исто така, Банката има развиена мрежа на банкомати, кои овозможуваат бесплатно подигнување готовина во денари, а денарите се платежна валута во нашата држава. Во таа насока се најавените надоместоци за готовински трансакции.

Притоа, сите надоместоци се објавени на веб-страната на Банката, како за готовински, така и за безготовински трансакции. Нашата анализа на домашниот банкарски пазар покажа дека воведувањето и зголемувањето на надоместоциите не е новина и е веќе пракса кај повеќето банки во земјава“, гласи одговорот од Комерцијална на прашањето на „А1он“ зошто се зголемуваат провизиите за граѓаните.

Според нив, тоа нема да се одрази на пензионерите затоа што на оние чија пензија е до 30.000 денари нема да се промени надосместокот за подигнување на пензијата од шалтер.

Надоместоците кои банките ги наплатуваат за дадените услуги на клиентите се деловна одлука на банките, а централната банка може да делува само преку поттикнување на поголема конкуренција во делот на платежните услуги.

„Согласно со законската регулатива, надоместоците кои банките ги наплатуваат за дадените услуги на клиентите се деловна одлука на банките. Секако, неспорно е дека сите чинители во општеството треба да имаат во предвид дека функционираме во отежнат економски амбиент кој значајно се одразува на животниот стандард на граѓаните“, рекоа од НБРМ за „А1он“.

Народната банка очекува новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој ќе се применува од 1 јануари 2023 година, да поттикне поголема конкуренција и поповолни услови за граѓаните, односно да се појават нови даватели на платежни услуги, освен банките, со што би се намалиле цените на услугите.

Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните сметки за вода, за електрична енергија, за греење и телекомуникации или трансфер на парични средства на друго лице.

„За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1% од просечната исплатена нето плата во земјата за претходните 12 месеци (околу 30 денари). Во рамките на овој надоместок, банката ќе им овозможи на граѓаните одржување на платежна сметка со основни функции и извршување на најмалку 5 платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Исто така, доколку корисниците припаѓаат на некоја од ранливите категории, граѓаните ќе можат да ја користат платежната сметка со основни функции без надоместок“, додадоа од Народната банка.