Кина испрати предупредување до САД
САД не треба да се мешаат во внатрешните работи на Кина и да ги преминуваат „црвените линии“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Барањата на Кина се конзистентни, ние секогаш се залагаме за взаемно почитување на основните интереси. САД не треба да се мешаат во внатрешните работи на Кина, не треба да го потиснуваат развојот на Кина и не треба да ги преминуваат црвените линии на Пекинг за суверенитетот, безбедноста и интересите на Кина“, изјави Ванг.
Како што истакна министерот, иако односите меѓу Кина и САД генерално се стабилизираа, негативните фактори сè уште се присутни.
„Светот гледа дали Пекинг и Вашингтон ќе работат заедно за да ги решат глобалните проблеми или ќе влезат во конфликт во кој двете страни ќе изгубат“, додаде тој.
Блинкен е во посета на Кина од 24 април, а веќе го посети Шангај, каде што се сретна со секретарот на локалниот партиски комитет Чен Џининг, бизнис претставници и студенти.
Американскиот државен секретар вчера пристигна во Пекинг на разговори со Ванг Ји. Се уште не е објавено дали кинескиот претседател Си Џинпинг ќе го прими американскиот државен секретар.