Шовинизмот на космополитските поддржувачи на Преспанскиот договор

Солидарноста не е концепт на хуманост или на емпатија, не е концепт на позајмица, не е концепт на очекување некој да ти помогне ако ти си помогнал. Солидарноста е прифаќање на објективната реалност дека се наоѓаш во иста катастрофална состојба со оној за кој ти кажале дека е различен од тебе, солидарноста е делување согласно заедничкиот интерес диктиран од таквата објективна реалност. Солидарноста е прогресивна, бидејќи обединува во борбата за надминување на таа катастрофална состојба во која се наоѓаме.

Шовинизмот, од друга страна, е обид за профитирање на сметка на оние со кои се наоѓаш во иста подредена положба, делување спротивно од заедничкиот интерес, недостаток на разбирање дека краткорочните индивидуални придобивки евентуално ќе станат долгорочни загуби, индивидуално и колективно. Шовинизмот е назаден, нѐ трупа со уште повеќе порази, го поништува прогресот што макотрпно сме го правеле.

Солидарноста води кон надминување на нашите национални, етнички, родови или религиозни поделби. Таа е прифаќање дека опресијата не потекнува од нашите меѓусебни разлики, туку од експлоатацијата, ненаситната трка за профит и шовинизмот што истата експлоатација го перпетуира. Од тука, Преспанскиот договор воопшто не е солидарен, туку напротив, е резултат на краен шовинизам од неговите поддржувачи од двете страни на границата. Тие гледаат непосреден интерес за себе (бизнис-интерес) или непосреден интерес за нацијата.

Тој интерес за нацијата, според нив, е влезот на Македонија во НАТО – воениот сојуз што токму ги опресира и бомбардира државите кои се наоѓаат во слична положба како Македонија. Според нив, влезот во НАТО ќе донел безбедност и економски раст на Македонија. Без навлегување во тоа дали и колку е погрешна оваа теза, зарем можеме да останеме рамнодушни на ваквото шовинистичко однесување на овие самопрогласени космополити?

Апологетската логика и владината пропаганда се комплетно превртени слики на реалноста: Преспанскиот договор е солидарен и прогресивен, бидејќи Македонија ќе ја примат во НАТО и заедно со останатите земји-членки на НАТО наеднаш ќе заборавиме на нашите национални разлики, па солидарно ќе прифатиме дека сме во истата очајна состојба и дека сме под закана на останатите опресирани народи кои не прифаќаат да ни слугуваат. На крај, прогресивно ќе ги бомбардираме невазалските влади на опресираните народи се додека не прифатат дека е демократски да ни слугуваат на нашите интереси (читај: на интересите на најмоќните НАТО-членки).

Во меѓувреме, треба да заборавиме на 1999 година и бомбардирањето на тогашна Југославија, треба да заборавиме на Сирија, Либија, Авганистан, Ирак, треба да заборавиме дека страдаме од истиот непријател и треба нему да му се приклучиме, во име на краткорочниот интерес на нацијата, што најверојатно ќе е профит на неколку локални бизнисменчиња и трошки за вредните пропагандисти. Според истите самопрогласени космополити, треба комплетно да се дистанцираме и да го игнорираме заедничкиот интерес на сиот работен народ – во Македонија, во империјалистичките држави, во државите – жртви на империјализмот. А единствениот заеднички интерес на работничката класа во сите овие земји е да се ослободи од катастрофалната состојба во кои профитерите од империјализмот ги имаат ставено.

Преспанскиот договор не е затворено прашање, не додека има отпор против него. И доколку сакаме да го задржиме епитетот на солидарна нација, доколку сакаме да се бориме за прогрес, нужно е да продолжиме да пружаме активен отпор против шовинизмот кој овој договор го носи со себе, против шовинизмот на неговите поддржувачи и против шовинизмот на тие кои истиот го наметнаа.

Став на Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица.