Левица: Некогашниот државен гигант Макпетрол е на чекор да стане семејна фирма
- Реакција на Левица – сектор финансии
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 28-та седница со која претседаваше претседателкaта на КХВ м-р Нора Алити донесе Решение со кое на „Оилко КДА“ Скопје му издаде дозвола за давање понуда за преземање на 72.644 обични акции од „Макпетрол“ АД Скопје кои претставуваат 64,64% од вкупниот број обични акции со право на глас од „Макпетрол“ АД Скопје.
Преземачот се обврзува да ги откупи хартиите од вредност по цена од 67.001 денари по акција. „Оилко КДА“ Скопје до денот на објавувањето на намерата за преземање, поседува 25.700 обични акции, односно 22,87 % од вкупниот број на обични акции со право на глас од „Макпетрол“ АД Скопје. Преземачот не планира да го користи правото за принудна продажба под условите и на начин дефиниран во член 63 од Законот за преземање на акционерски друштва.
„Оилко КДА“ Скопје беше формирано по нарачан и наменски променет дел од Законот за трговски друштво во делот на основањето, па по промената се одржа наменско собрание на акционери на АД „Макпетрол“ во Струга на 17. 12. 2006 и беше основано командитното друштво со акции „ОИЛКО“ КДА Скопје еднствено во Европа. После тоа собрание на АД ,„МАКПЕТРОЛ“ на 18. 01. 2007 година основано е командитното акционерско друштво, а КОМПЛЕМЕНТАРОТ (сопственик) Андреа Јосифовски, истовремено и генерален директор на ,,Макпетрол“, лично определил кому ќе подели акции во командитното друштво.
По формирањето на Оилко, меѓу фирмата „мајка“ Макпетрол и фирмата ќерка Оилко се склучени поголем број договори од кои според годишните биланси, целиот профит оди на страната на Оилко, додека Макпетрол бележи загуби. Имено, при извршената анализа утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година Макпетрол АД Скопје работи со добивка и остварило нето добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а пак за период од 2007 до 2014 година Макпетрол АД Скопје остварува нето загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. ОИЛКО КДА Скопје во овој период работи со добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари што претставува сомнеж дека средствата од Макпетрол АД Скопје се слеваат на сметка на ОИЛКО КДА Скопје.
Со вкупно 126 станици со современа понуда на производи и услуги, Макпетрол располага со најголемата мрежа од бензински во Република Македонија. Ако една бензиска пумпа се проценува дека чини минимум 2-3 милиони евра, вкупната вредност на Макпетрол би требало да биде минимум 252.000.000 евра или поделено со вкупниот број на издадени акции во износ од 112.382, се доаѓа до цена од 2242 евра по акција, што е двојно повеќе од понудената цена од 1084 евра по акција (67.001 денари). На акционерите останува да одлучат дали ќе ги продадат своите акции.
На државата останува дали ќе ја исправи неправдата или приказната ќе заврши како и секогаш на штета на граѓаните?!
Левица се залага за национализација на сите клучни енергетски капацитети во Македонија вклучително и на овој.