Дачиќ: Ниту милион Џавелини не би му помогнале на Косово ако се случи војна
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во изјава за медиумите се осврна и на американската продажба на противтенковски ракети Џавелин на Косово. Тој смета дека тоа не испраќа порака до Србија, туку дека е дел од долгорочната цел да се помогне за независноста на Косово, која почна да се спроведува во 1990-тите.
Тој нагласи дека војската на Косово добила оружје од многу земји претходно како: Германија, САД, исламските земји и дека ова не е прво вооружување на окупираната српска територија.
„Ние имаме подлабок проблем, овде зборуваме за стратешките интереси на таканареченото Косово да биде независно, на што се спротивставуваме. Мора да бидеме остри, цврсти, мудри и реални во меѓународни околности“, рече Дачиќ и додаде дека Србија треба да продолжи да се вооружува.
Дачиќ смета дека е крајно време Србија да одлучи дали Косово е нејзино национално прашање или не. Тој заклучи дека Србија нема намера да води војна, но ако сака – „Ни еден милион Џавелини не би му помогнале на Косово“, пренесува N1 Србија.