АктуелноЛокално

Тамара Јованов: Зошто ти е прескапо да “не те занима политика”?

  • Став на на Тамара Јованов – Апасиева –  Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип

Зошто ти е прескапо да “не те занима политика”?

1. Прво, јасно ти е дека не си затворен систем, така?

Дека дури и да си сам, без деца, а особено ако си во град (како најголемуот дел од Македонија), не можеш сам да си обезбедиш вода за пиење, канализација, струја, греење, лекување, операција, вадење заб, разноврсна храна, облека, квалитетно образование од дете па натаму…

Ако пак си со деца – потполно невозможно!

Ако си на село – малку си посамостоен, ама освен ако не прифатиш дека се враќаш во среден век и таму е невозможно во целост.

2. Второ, откако знаеш дека не си затворен систем, веќе ти е јасно дека живеењето во меур (твоја микро заедница) е само бегање од реалноста, со ептен краток рок.

Трае до првата бронхо-пневмонија, сипаница, расипан заб,

првата кражба која може да те задеси,

првата раскрсница без кружен,

првата зима без соодветни обувки,

првата поскапена сметка за струја,

први или петнаести во месецот кога платата доцни…

3. Имаш систем за гласање без праг на излезност! Тоа значи дека, додека ти бегаш, оној задолжениот кон сдс-дпмне-дуи со сигурност ќе излезе да ги бира неговите, оти со нив е посигурен дека ќе преживее. Токму тој е попаметен од сите индивидуалци кои бегаат, оти знае дека во заедница е посилен, со поголеми изгледи за преживување. Ќе се јави утре на неговите, за врски, за било која работа и ќе си среди. Ти, кој си на периферијата на системот, ќе мора да ги молиш нив или ќе го кркнеш дебелиот крај!

4. После дооолго време, има искрен и чесен организиран отпор!

Од грас -рут движење на активисти, никна политичка организација (@Левица) од луѓе кои се собрани под иста визија – борба за расчистување со корупцијата на досегашните и подобри услови за живот, надвор од матрицата на клиентелизам и непотизам!

Не ти се совршени?

Имаш ли подобри решенија, организација, страст, визија?

Ако не, приклучи се! Делувај, предлагај и менувај однатре!

Зарем воопшто постои организација каде сите ќе мислат, сакаат и ќе се согласат на се’ исто?

Си бара труд, енергија, време и жртвување на комфорот! Не е лесно!

Ама, тешко дека можеш да кажеш дека нема организиран отпор и дека затоа седиш настрана.

Ниту пак дека е полесно да живееш во трулиов систем!

Ниту пак дека ако еднаш си пробал, не треба да пробаш веќе никогаш!

Не држи вода!

Ако не се организираа политички Гоце, Даме, Питу и сличните, тешко дека ќе имавме историја за раскажување и било каква земја за живеење.

5. Не ме занима – чини прескапо!

– Не’ чини здравје, првиот миг кога ќе нема потребен лекар, кога ќе нема лек, кога ќе мора да плаќаш 5000 евра или повеќе, на приватно!

– Не’ чини можности за работа, првиот миг кога некој неписмен (од оние паметните погоре) ќе ти ја земе позицијата за работа за која си учел и те бива!

– Не’ чини нерви, првиот миг кога ќе заглавиме во сообраќај од улици окупирани од урбана мафија и купени градоначалници.

– Не чини деца, првиот миг кога ќе решат дека иднината им е Словенија, Германија, Америка, усвета, само за да не заглават дома, оти неговите родители не ги занимала политика!

– Не чини достоинствена старост, првиот миг кога ќе пукне пензискиот кој го крадат ко да нема утре! Ќе нема утре, ама само за нас останатите. За нив ќе има – и тоа убаво!

Направи си проста математика:

Дали ти е поисплатлив сегашниот краткорочен комфор во твојот лажен меур или е прескапо во негово име, во блиска иднина да си ги жртвуваш здравјето, парите, децата, достоинството?!

Големите одлуки се лесни, ако знаеш да си го одговориш прашањето: Кој сум и кој/каков сакам да бидам?!

Кој си?

Жртва или борец?

Кукавица или храбар?

Суетен или со отворен ум?

Себичен или солидарен?

Какви сме (ќе бидеме), такво општество ќе имаме!

Или ќе се сели цела нација? М?