На денешен ден: Формирана Коминтерната – првата организација која ја признала македонската нација

На денешен ден 1919 година, формирана е Комунистичката Интернационала, попозната како Коминтерната или Третата Интернационала.

Формирањето на Интернационалата е резултат на социјал-шовинистичките политики од социјал-демократските партии од Втората Интернационала и нивната поддршка за Прва Светска Војна. Поради ова, анти-империјалистичките леви партии од светот се организираат во нов, принципиелен сојуз кој за време на своето постоење ќе успее да помогне бројни успешни работнички, анти-колонијални и анти-империјалистички движења.

Коминтерната се залагала за формирање комунистички партии во секоја држава, интернационална солидарност и демократски централизам – служејќи како “Генералштабот на светската револуција”.

Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање е службен политички документ, со кој за првпат во историјата влијателната меѓународна организација признала постоењето на македонска нација, македонска национална свест и македонски јазик. Самата резолуција е усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари 1934 година. Од Коминтерната одлуката за македонска нација се пренесува на ВМРО (Обединета) и во април 1934 година весник “Македонско дело” го објавило текстот на резолуцијата. Во документот меѓу другото се вели:

Буржоазијата на доминантните нации во трите империалистически земји, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да прикрие националното угнетување, ги негира националните карактеристики на македонскиот народ и постоењето на македонска нација. Грчките шовинисти тврдат дека Македонците се словенизирани Грци, великосрпските шовинисти прогласуваат тоа население за едно од “племињата” на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбуване, а бугарските шовинисти, експлоатираат родството на македонскиот јазик со бугарскиот и велат дека Македонците се Бугари, и на тој начин сакаат да го оправдаат освојувањето на Петричко и анексионистичната политика во однос на цела Македонија... “


Првата страна од Резолуцијата