„Политичарење“ изложба на Андреј Марјановиќ во Музеј на град Скопје
Во петок (24.11.2023) во Отворено Графичко Студио, Музеј на Град Скопје ќе се отвори изложбата „Политичарење“ на Андреј Марјановиќ.
Циклусот „Политичарење“ содржи дела во коишто авторот – намерно или не – разработува теми кои во себе содржат „политичка“ заднина или се вид коментар на наметнатите „политикантски“ ситуации што тој ги забележува во современата култура. Терминот „политичарење“ одговара на сленг-терминот politickin’ на англиски јазик, тоа е негов неологизам што ги спојува термините „политика/политичар“ и „трачарење“, нешто како „бистрење политика“ или „тепање празна слама“ (разговори за политика кои не го менуваат актуелниот status quo и не делуваат кон промена).
Делата се занимаваат со истражување на:
• концептот на играта во уметноста, културата и во секоја област на човеково постоење (homo ludens);
• заменливоста на улогите кои играчите ги прифаќаат, како што покажува, на пример, затворскиот експеримент на Катедрата по психологија во Универзитетот Стенфорд (1971 година);
• судбината на визуелниот јазик на графичкиот дизајн во современото пазарно општество, маркетинг и веб комуникација;
• амортизацијата на визуелните и графички симболи кои претставувале големи хуманистички идеи, откако човечката политикантска психа ќе ги преџвака и пресоздаде во нешто сосема оксиморонски спротивно;
• можностите на графичкиот дизајн да биде продолжена рака на уметноста на графиката, а техниките на сериско производство и масовна продажба да бидат алатка за ширење и глорификација (наместо девалвација) на уметничките пораки и вредности.
Изложбата ќе биде отворена до 1 декември.
Биографија
Андреј Марјановиќ (р. 1978, Скопје) дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2004 година, на отсекот за графика и применета графика, под менторство на ред. проф. м-р Мирко Вујисиќ. Неговите први изложби во областа на графиката – „Повторувања / Recurrences“, 2007, во Отвореното Графичко Студио при Музејот на Град Скопје – остануваат забележани како ретко експериментално графичарско истражување во областа на цилиндричните печати, како и можноста за создавање неограничени величини на форматот во областа на графиката („Вавилонска кула“, 198 x 254 см).
Иако себеси се гледа првенствено како графичар, се изразува во повеќето класични техники (сликарство, скулптура, цртеж), а особено твори и како мултимедија уметник, графити уметник и електронски музичар. Уметноста ја применува и во своето 25-годишно професионално искуство со брендирање, графички дизајн, веб дизајн, фотографија, продукција на анимирани содржини, видео и аудио продукција. Од 2011 година води своја маркетинг агенција „Куќа Креативно Студио“, каде работи повеќе или помалку комерцијални и уметнички проекти за клиенти од целиот свет (https://www.kukya.com/).
Без оглед на техниката и примената, неговата уметност секогаш е заинтересирана за експериментирање, иновативност и интермедијалност. Во интермедијалните односи особено го привлекува музика, стрип, улична уметност, компјутерска уметност, видео игри и филм. Неговите дела стилистички се доближуваат до минималистички, симболичен и апстрактен израз, а содржински се проникнати со длабоко промислени концепти, критичен приод, автореференцијалност и хумор.
До 2013 година живее и работи во Скопје, а од 2014 година во Преспа.
Член е на ДЛУМ од 2007 година и на ДЛУБ од 2023 година.
Изложби:
Коцкоглави / Blockheads, самостојна изложба на слики и скулптури (Културно информативен центар – Скопје, јуни 2023)
Изложба од колекцијата на Отворено Графичко Студио – групна изложба (Музеј на Град Скопје, јуни 2022)
Македонски художници в София / Македонски уметници во Софија – групна изложба на ДЛУМ (Галерија на Националниот дворец на културата, Софија, јули 2009)
ГрафИКОН – групна изложба (Отворено Графичко Студио, Музеј на Град Скопје, декември 2008)
Сленг речник – инсталација (Бела ноќ, Отворено Графичко Студио, Музеј на Град Скопје, септември 2008)
Повторувања / Recurrences, самостојна изложба на графики (Отворено Графичко Студио, Музеј на Град Скопје, 2007).
Музички изданија и перформанси:
NDRJ + SAKO = Split – колаборативно двојно CD со експериментална електронска музика (Издание на: Александрија и ФООМ, 2001; Промоција во Музеј на Современа Уметност – Скопје)
Перформанс во живо со електронска музика (Споени садови – Фестивал на мултимедијална уметност, МКЦ, Скопје, 1997).