Дали заедничкиот непријател може да нè обедини?

Наметнувањето на Преспанскиот договор на Македонија создаде и голема народна опозиција против него. Кршењето на Уставот, промената на името, приемот во НАТО, нападната владина пропаганда, разочарувањето од новата власт се само дел од причините поради кои одделни групи на граѓани го бојкотираа (или, за тие што не се поистоветија со движењето Бојкотирам: апстинираа) референдумот на 30ти септември. Можеби овој бојкот/апстиненција не се радикализираше и не прерасна во нешто повеќе од пасивно искажување на непослушност, но искрена народна непослушност беше искажана, неподдржана од ниту еден сегмент на сегашната или претходната власт (сериозно, „поддршката“ на ДПМНЕ не беше ниту силна, ниту релевантна), и тоа не беа моќни да го променат ниту Макрон, ниту Курц, ниту Меркел, ниту Трамп, ниту Столтенберг ниту сите Западни политичари кои се обратија на или ја посетија Македонија во предреферндумскиот период, ниту редовното полнење на кутии.

Во Франција, народот своето незадоволство го изрази преку формирање на движењето „Жолти елеци“. Почнувајќи како движење кое што се спротивстави на даночните реформи за дизелот на Макрон, тие брзо својот револт го претворија во анти-владин, своите методи на делување ги радикализираа и започнаа да се шират, иако срамежливо, и низ други земји од Европската Унија. Нивната борба не е за нов општествен поредок, како би се искорениле системските причинители на нивните социјални проблеми, туку е за добивање на повеќе „трошки“, на малку поголем дел од колачот. До сега, нивната позиција на работничка аристократија, т.е., дел од работничка класа кој, иако е експлоатиран и погазен од капиталиститите, сепак ужива мал дел од колачот кој империјалистите го присвојуваат од другите земји, амортизирајќи го својот потенцијал да се спротивстават на империјалистичкото делување на својата татковина, економски како и културолошки, го попречи развивањето на свесен антиимперијалистички карактер на „елеците“.

Во Венцуела, пак, деновиве се случува пуч, поддржан од Западот. Олигархијата, која со доаѓањето на Чавез за прв пат стана опозиција во Венецуела, ја спори легитимноста на демократски избраната власт во Венецуела, иако самите избори во Венецуела беа набљудувани од страна на сите „заинтересирани“ актери. Притоа, лидерот на опозицијата се самопрогласи себе си за претседател на Венецуела, по што беше признаен или поддржан од повеќето Западни политичари, меѓу кои и Трамп, Макрон, Меј и др. Народот на Венецуела, кој го изгласа Мадуро за претседател со 67,8% од гласовите, се спротивставува на американското мешање во Венецуела, на нелегитимниот пуч на опозицијата и на поддршката на Западот што опозицијата ја ужива.

Во овие три, навидум неповрзани настани, се крие заеднички непријател: Западот. Западниот империјализам е тој што го наметна Преспанскиот договор на Македонија и Грција. Кризата во која се наоѓа Западниот империјализам го катализираше изразувањето на незадоволство на „Жолтите елеци“. Западниот империјализам се меша во Венецуела и со години ја уништува економски, притоа поддржувајќи ја опозицијата и постапувајќи против вољата на венецуелскиот народ. И доколку е непријателот заеднички, има ли можност за солидарност и обединување на народот од овие земји?

Веројатноста е мала, но вреди да се бара невозможното. Посебно сега, бидејќи со признавањето на Гуаидо (самопрогласениот претседател на Венецуела) од страна на Макрон како легитимен претседател на Венецуела, на „Жолтите елеци“ јасно и гласно им се укажува дека нивниот непријател, империјалистот Макрон, е непријател на венецуелскиот народ и демократски избраната венецуелска власt. Тука лежи надежта, колку и да е мала, дека „Жолтите елеци“ ќе ја увидат империјалистичката пропаганда која им се сервира со децении и деќа ќе застанат солидарно и антиимперијалистички со венецуелскиот народ и против Западниот империjализам.

Тука лежи и можноста да се врати надежта кај македонскиот народ дека промена е можна. Согледувањето дека непријателот е Западниот империjализам е многукратно полесно во услови во какви што се наоѓа народот во оваа држава: осиромашен, угнетен, понижен од страна на Западот. Антизападниот сентимент е присутен, иако можеби не е секогаш свесно и организирано насочен против империализмот и против НАТО, а солидарноста со „Жолтите елеци“ веќе постои.

Кристално е јасно, и повеќе од експлицитно станува изразено, дека патиме од истиот непријател. Прашањето кое сега се поставува: дали можеме да ги надминеме меѓусебните поделби и солидарно и организирано да го возвратиме ударот?