АктуелноЛокалноСтав

Саше Јанчев: Каков тип на човек е Фрчко

Правникот од Гевгелија Саше Јанчев користи македонски закони, процедури и Устав за да објасни зошто професорот Фрчкоски не е во право кога ја брани одлуката да се објави Законот за јазици, без потпис и указ на претседателот Иванов.

“Еве и по тврдењето на Фрчко, Законот за употреба на јазиците (ЗЈУ), или народски, законот за двојазичност не произведува правна сила оти е донесен со кршење на закон, односно со неправо.

Прво е прекршен Деловникот на Собранието во член 135, точки 4 и 5. Со други зборови, донесен е со европско знаменце, демек е усогласување на домашното право со она на ЕУ. А според овој член, во таков случај мора конкретно да се наведе актот на ЕУ со кој се усогласува. Таков акт нема.

Во тој случај, согласно член 136 од Деловникот, Џафери бил должен предлог-Законот да го врати да се дополни тоа што фали, а ако не се дополни, се смета како предлогот воопшто да не бил поднесен. Така да, прекршен е и член 136 од Деловникот.

Потоа прекршен е Уставот во членовите 95, 98 и амандман ХХХ кои јасно кажуваат дека овој Закон морал да се донесе со 2/3 (80) мнозинство, а гласан беше со апсолутно мнозинство (61).

Законот требаше да го разгледува Комисијата за политички систем, а наместо тоа го разгледуваше Комисијата за Европски прашања, кај што главен е Артан Груби за побрзо да го прошверцуваат.

Прекршен е Рамковниот договор кој во Анекс Б, точка 8 вика дека ќе се донесат закони за да се усогласат со Рамковниот, а не еден ваков омнибус закон. Прекршен е и истиот Анекс Б, точка 8, алинеја 1 од Рамковен договор кој вика дека седниците на Собрание нема да се водат на друг службен јазик.

Прекршен е Амандман V од Уставот кој не вика дека тие 20% се однесуваат од целата територија на РМ, туку за територија на општини, па така не само албански, ами и влашки, ромски, турски, српски и бошњачки се службени јазици итн.

И еве, на толку неправо нека каже како овој Закон по него треба да произведе право. Фрчко е тип на човек кој го имаат сите диктатури, а обврска му е да си го толкуваат правото како што сакаат, за да продадат приказна дека диктаторот е во право.

Правник не е, оти правникот секогаш ги подредува политиките така што мора да бидат во согласност со правото, што е услов за демократија. За разлика од тоа, тој го подредува правото за да биде во рамките на политиката, што е основ за автократија и диктатура. Толку е едноставно”, пишува Јанчев кој е член на Централниот Комитет на партијата Левица.