Локално

МД „Илинден“ од Тирана: Македонците во Албанија никогаш нема да бидат Бугари

Македонците во Република Албанија говорат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари, реагира Македонското друштво „Илинден“ од Тирана осудувајќи ја антимакедонската посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Република Албанија, заедно со бугарски универзитетски професори и академици.

Во соопштението се наведува дека програмата на акцијата „Бугари во Албанија“ предвидува отворање на „неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан“, потоа во Тирана ќе ја промовира книгата на Спас Тошев „Бугарите во Албанија“, а во селото Големо Острени, Голо Брдо неделно училиште на бугарски јазик.

МД „Илинден“ наведува дека според реакциите на жителите на село Големо Острени и цела област Голо Брдо, се сквернави и историската вистина дека во мугрите на 4 март 1916 година, токму бугарските војски за време на бугарската окупација на Голо Брдо, ги заробиле Елез Кочи и Ќазим Дука од селото Големо Острени и после брутално мачење живи ги закопале во близина на реката во село Верница, областа Голо Брдо.

Кога се има предвид дека Јотова во Големо Острени училиштето се вика Елез Кочи, крвнички убиен од бугарските крвници, јасна е пораката дека Бугарите сакаат да им порачаат на младите генерации Македонци од Голо Брдо дека тие треба да си ја заборават историјата и жртвите од бугарските ѕверства. Ваквата постапка според Македонците во Голо Брдо, е недозволива и не смее да се повтори, се наведува во реакција.

Вонеа се додава дека ниту јасно декларирање на Македонците во Република Албанија, не ја запре крајно подлата намера на Бугарија да ја замајува светската јавност дека Македонците во Република Албанија се Бугари. При тоа, со евтина пропагандистичка акција се обидува да им ја избрише меморијата за крвниците Бугари кои ги убивале патриоти како Елез Кочи и Ќазим Дука.

-Промоцијата на акцијата “Бугари во Албанија“ има за цел да се извртува вистината и македонското население во Република Албанија да се прикаже како бугарско. Секако, ваквата акција е потребна за Бугарите да можат пред членките на Европската унија да ги оправдаат своите асимилаторски акции во Република Албанија, кои се апсолутно неприфатливи како однесување за една членка на демократската унија. Од друга страна, ваквата „посета“ на високи бугарски претставници на Република Албанија треба да ги „потсети“ албанските власти дека на претстојниот попис во државата, треба да го зголемат бројот на Бугарите во однос на минатиот попис, на кој немаше ниту еден самодеклариран Бугарин во Република Албанија. Уцената на Бугарите кон албанската Влада се однесуваат на пристапувањето на Република Албанија кон Европската унија, преку грбот на Македонците, во Република Албанија. Таквите насилнички делувања на бугарската политичка елита насочени кон асимилација на Македонците во Албанија однапред се осудени на пропаст бидејќи Македонците со присила нема да се пишуваат Бугари. Македонско друштво „Илинден“-Тирана повторува дека етнички Бугари во Република Албанија нема, ниту имало, ниту ќе има!, се потенцира во соопштението.