Путин најави посети на НР Кина, Турција и Индија
Рускиот претседател Владимир Путин доби покана да ја посети НР Кина и има намера тоа да го направи во октомври кога ќе се одржи форумот „Еден појас еден пат“, изјави Јуриј Ушаков, помошник на рускиот лидер за меѓународни прашања.
„Познато е дека добивме покана и дека имаме намера да одиме во Кина кога ќе се одржи форумот „Еден појас еден пат“, изјави тој за новинарите.
Исто така, Ушаков рече дека Москва и Анкара ја планираат посетата на Владимир Путин на Турција, но дека датумот се уште не е договорен.
„Во однос на контактите со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, можам да потврдам дека планот на двете страни е да се реализира посетата на нашиот претседател, но се уште не сме договориле конкретни датуми. Се споменуваше август, но и други варијанти“, рече тој.
Ушаков потсети дека Путин му ветил на Ердоган дека ќе дојде во Турција веднаш по победата на Ердоган на последните избори во мај. За самитот на Г-20 во Индија, Ушаков рече дека форматот на учество на рускиот претседател се’ уште не е прецизиран – поканата е пристигната и не е исклучена посетата на Индија.