Процепот меѓу партијата и класата
„Историјата на сите досегашни општества е историја на класни борби“ напишаа Карл Маркс и Фридрих Енгелс, пред повеќе од 170 години. Ленин, подоцна, ќе каже „Партијата е највисоката форма на пролетерско класно здружување“ и „Партијата е предводник (авангарда) на класата, нејзината задача е да ги поведе масите, а не само да го отсликува нивното просечно политичко ниво“.
Што значи ова? Дел од оние кои се нафатиле да се занимаваат со класни политики во интерес на угнетената класа , за жал, го гледаат ова ригидно/догматски. Една таква група, неразбирајќи ја идејата на Ленин за раководна партија, го смета за предавник на идејата, за човек кој се бори за партиска власт наместо класна. Други, пак, исто така не ја разбираат врската помеѓу партијата и класата, но на спротивен начин. Според нив одбивањето да се „отслика само просечното политичко ниво“ значи исклучување на тоа ниво од одлуките/насоките на партијата (во различни степени кај различни такви поединци). Но, Ленин, или попрецизно партијата на која тој и припаѓал, немала да го изоди успешно патот, тргнувајќи од мала група на ентузијасти (читачки клуб) до владеачка масовна партија, ако не ја разбрала успешно врската помеѓу партијата и класата.
Да, партијата е политички најактивниот и најспремниот дел од класата. Но, не можеме да ја одделиме од класата, без да ја припоиме со друга класа, како и што потенцира првиот цитат. Секоја партија, и општо секој политички ентитет (синдикат, невладина, здружение на граѓани, итн.) во класно општество работи за интересите на одредена класа. Ова може да биде свесно (т.е. да се поклопува со намерите на политичкиот ентитет) или несвесно (т.е. како резултат на погрешна политика). Се разбира, овој „закон“ важи во двете насоки. Со водењето на погрешна политика работничките организации (па и партии) доведуваат до ослабување на политичката сила на работничката класа и со тоа работат (свесно или не) во интерес на владеачката класа. Обратно, партиите на владеачката класа можат со своите политики да ја поткопаат својата политичка моќ (тука зборувам за поткопување на општата политичка моќ на сите такви партии во едно општество, а не за префрлањето на политичка моќ од една во друга таква партија што би било – гледано од класна перспектива – политички еквилибриум) и со тоа, во најмала рака, да создадат процеп за зголемувањето на политичката сила на работничките партии. Се разбира, доколку тие се спремни да го пополнат процепот.
На долг рок целта на секоја работничка партија мора да биде укинување на класното општество, бидејќи тоа е долгорочниот интерес на работниците. Од друга страна целта на буржујските партии – задржување на класното општество и тоа со класата на газдите како доминантна класа, со што е можно повеќе привилегии. Ако ги гледаме сите партии како крила на или работничката или буржујската Партија, тогаш во интерес и на двете партии е да прават политички потези кои носат до соодветната долгорочна цел, па макар и да е самиот потег контраинтуитивен. Затоа, Маркс и Енгелс (а и нивните наследници, како Ленин) се залагале за Научен Социјализам т.е. за работничка политика која нема да се базира на интуиција или привдна „здраворазумност“, туку на (што поголема) објективност согласно со целите. Ако ја земеме премисата за Научен Социјализам како исправна, како што ја земаат декларативно голем дел од гореспоменатите догматици, тогаш тоа значи дека ќе ги мериме политичките одлуки и дела според резултатите, а не според тоа како се „чувствуваме“ во врска со нив.
Затоа е важно да се заборави што е „исправно“ во нашите глави и да се мисли што е исправно во најголемиот полигон на политиката – реалноста, што е исправно за партијата. Ако поставиме прашање „Дали треба работниците да ја имаат власта?“ сите (или еве, нека е барем повеќето) левичари ќе речат „ДА!“. Ќе се согласат и дел (поголем или помал) од тие што не се декларираат како левичари. А, сепак, би било залудно во дадените околности во Македонија, главна парола на работничката партија да биде „Работници, земете ја власта, што чекате побогу?“. Во услови на неорганизираност и неспремност на класата, во услови во кои голем дел од класата нема ни самодоверба во своите способности за владеење, во услови во кои националните прашања се непотребно отворени и на „дневен ред“ – ваквата политика би била во интерес на владејачката класа, иако е со добра намера, иако е од работничка партија, иако би се чувствувале убаво да ја скандираме паролата за „работничка власт, веднаш!“.
Во вакви услови само дел од советот на Ленин би бил послушан. Да, технички, партијата би била „над просечното политичко ниво“, но, би се запоставил другиот дел бидејќи партијата така не би ја исполнила „нејзината задача да ги поведе масите“. И, кому тоа користи? На истите што им користат сите грешки на работничката партија – на капиталистите.
Партијата, ако искрено сака да ги поведе масите, мора да го премости процепот помеѓу класата воопшто и партијата како нејзиниот најударен дел. Мора да ја слушне волјата на масите за да може да донесе правилна одлука.
Ако партијата сака да ги исправи грешките на масите, мора тоа да го направи со пример, да го покаже на дело, додека води, а не преку несоодветни пароли. Секој ученик ќе ви каже дека цел час поминат во диктирање е неуспешен час. Ако партијата сака да биде успешен учител на класата, мора и да учи од неа.