Чеде Филиповски Даме – Народниот херој со мистериозна смрт
Иако живееше само 22 години, народниот херој Чеде Филипоски – Даме, имаше бурен животен пат и при тоа имаше успешна и богата воена и политичка кариера. Од ѕидарски работник, стана командант на дивизија, а од член на партиска ќелија во 1941 година во с. Ниќифорово,стана член на АСНОМ – највисокото преставничко тело во Македонија. Во четири годишната борба против окупаторот и домашните предавници, Чеде беше исклучителен и бестрашлив борец , а токму тоа, додека беше жив сосема заслужено обезбеди место во клубот на македонските легенди. И по 65 години од неговото загинување, во колективната меморија на македонскиот народ се паметат неговите подвизи, неговите соборци со пиетитет зборуваат за неговата храброст, за неговата неустрашливост, за борец со големо срце…
Роден е во 1923 година во гостиварското село Ниќифорово.
Писателот Владо Малевски ќе запише: „Чеде го родија Митра и Русе Филипоски, а Даме го роди Револуцијата од 1941 година, во окупирана Македонија“ и ќе додаде: „Дамета о роди и Мавровското поднебје. Го родија тагите и солзите печалбарски, го роди гордоста на правдољубивоста на планините, го роди гневот на генерациите против постојната сиромаштија, робувањето и експлоатацијата.“
Своето детство го минува во родното Ниќифорово, а како момче на четиринаестгодишна возраст заминува во Белград, каде ќе го осознае тешкиот печалбарски живот, работејќи и по 15 часа дневно, носејќи малтер, тули , дрвена граѓа и сл. На белградските градилишта ќе ја осознае суровоста на печалбарскиот живот, ќе ги осознае неправилностите во животот, а сето тоа ќе му даде силен поттик да се бори за човековите права, за слбода на својот македонски народ. Тешкиот ѕидарски живот во Белград го споделува со своите сограѓани. Повозрасните и поискусните од него, ќ е го вклучат во работничкото движење и станува член на Обединетите работнички синдикати. Се запознава со голем број на студенти со напредни погледи со кои разменува литература. Активно се вклучува во организирањето на излети, демонсрации и штрајкови во Белград. Поради зголемените активносги со прогресивната младина , бил прогонуван од полицијата.
По шестоаприлската окупација на Кралството Југославија во 1941 година , Чеде Филиповски се враќа во својот роден крај и активно се вклучува во националното ослободително движење. За кусо време станува член на Месниот комитет за Гостивар, а во 1942 година, беше поставен за секретар на Околискиот комитет на КПМ за Гостивар.
Во пролетта 1943 година, заминува на терен, во воена единица, каде политичката ја заменува со воените активности. Првата воена функција му е заменик политички комесар во Мавровско-гостиварскиот НОПО, во 1943 година беше поставен за командат на батаљон и заменик командант на бригада , а во 1944 година беше поставен за заменик-командат и командант на 48 македонска дивизија на НОВЈ.
Чеде беше страствен вљубеник во Револуцијата и на нејзините цели. Во него гореше оган. Тој оган беше во неговата постојана потреба од акција, во неговата нестрпливост што поскоро да се дотолче непријателот. Во многу борби се истакнуваше со својата храбрсот. Воинот Чеде, на бојното поле, доживеа најхрабрите да го признаваат за најхрабар. Особено со својата храброст и неустрашливост се истакнува во борбите за ослободување на Кичево, Пресека, Дебар, Кленоец, Дебарца , Локов… Иако е заменик командант на Првата македонско-косовска бригаде, тој се наоѓа во првите борбени редови, со што ја стекнува довербата и стравопочита на своите соборци. Храбар, непосреден и правичен. Чеде станува омилен меѓу борците, кои му се обраќаат со името Даме. Чеде не само што имаше јуначко срце, туку и големо и топло човечко срце. Него го сакаа луѓето, но и тој ги сакаше. Најмногу ги сакаше правдата и вистината, слободата и својот народ.
Доживеа да е на чело на дивизија, да го ослободи и родниот крај, да ја види слободна Македонија. По ослободувањето, во мај 1945 година беше испратен во Белград, каде со голем успех ја завршува Вишата воена академија.
Јуначакото срце на херојот Даме , престана да чука на 29 јуни 1945 година, веднаш по сообраќајната несреќа што му се случи кај Радовиш, возејќи мотор од Штип кон Струмица.
Загинувањето на Даме беше мистерија, која и по 65 години се уште не е разјасната. Дали беше сообраќајна несреќа или пак ликвидација на херојот!?
Чеде загина, но не престана да живее. Остана да живее во партизанските песни и легенди, во молчеливата бронза, во книгите и ученичките тетратки, во смеата и играта на младоста.
За заслугите во Народноослбодителната војна на Македонија од 1941 година, Чеде уште за време на својот живот, со одлука на Претседателот на АВНОЈ, на 6 декември 1944 година беше одликуван со Орден на партизанска ѕвезда со сребрен венец од втор ред.
На 1 август 1949 година потсхумно беше прогласен за народен херој на Југославија. Носител беше на “Партизанска споменица 1941”, на “Партизанска ѕвезда” и на други одликувања.