Турбофолкизација на политиката и политизација на турбо фолкот
- Автор: Тони Димитров – Координатор на Сектор култура
„Сакам да верувам дека културата ќе ни помогне во овие предизвикувачки времиња и дека повторно ќе стане прибежиште каде народот си го наоѓа своето убаво“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во своето последно интервју дадено за порталот racin.mk. Тоа значи дека таа културата ја перцепира како прибежиште т.е. ескапизам (розеви очила) од предизвикувачките времиња во кои де факто живееме. Оваа дефиниција за културата на министерката, иако повторно апстрактна, за нијанса е поконкретна од нејзиното претходно разбирање за културата и уметниците кои „треба да творат во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“.
Значи, доколку културата ја разбираме како забава (средство за расположување), а забавата е модус операнди на турбо фолкот, тогаш разбирањето на министерката за културата е турбо фолк. За жал (или за среќа) не е далеку од вистината. Во овие „предизвикувачки времиња“ на владеење на хибридниот режим на СДС, културата (па и воопшто политиката) е сведена на метод за расположение на народот и публиката т.е. тубо фолк.
Турбо фолкот како термин кој прв го употребува Рамбо Амадеус, како социо-културен феномен добро ни е познат на сите кои потекнуваме од овие (екс ЈУ) простори. Главните негови протагонисти беа (и сѐ уште се) пост-транзициските рекетари, мафијаши, квази елитата, олигархијата и бизнисмените, режимските политичари…, значи сѐ она кое не опкружува од 90-тите т.е. почетокот на владеењето на СДС, па се до денес и доминацијата на таканареченото „сељачко крило“ на СДС.
Во својот текст под наслов Turbo Folk and Dance Music in 1990s Serbia: Media, Ideology and the Production of Spectacle, Ивана Кроња вели дека „турбо“ се однесува на предизвик, брзина, бестрашност и учество во претстојните, модерни трендови, кои им се припишуваат на турбо фолк уметниците и публиката, додека „фолкот“ означува дека „турбо фолкот“ претставува еден од жанровите на Српската популарна, народна музика“. Истава дефиниција можеме да ја припишеме и на владеењето на СДС во нивниот веќе втор мандат од воспоставениот хибриден режим. Од брзина и бестрашност во манипулациите, криминалот и исполнување на соседските шовинистички и западните квази европски захтеви, па се до народната музика, забавата и розова култура за бегство од тегобната реалност која ни ја приредуваат.
Без сомнение нивното владеење како крајно неконструктивно, или да бидеме попрецизни деструктивно (по нацијата и државата), е парада на кичот и субмисивноста (во политичка смисла). Без да навлегувам во поединечно набројување на примерите кои се скоро бесконечни, како постулати ги имаме сељачките испади на нивниот (веќе бивш) лидер Зоран Заев, па преку редовните гафови на сегашниот (неизбран) лидер, се до дефиницијата за културата како „прибежиште каде народот си го наоѓа своето убаво“ на дотичната министерка и кичот коj беше финансирани преку конкурсот на Министерството за култура. Токму оваа дефиниција за прибежиштето „каде народот си го наоѓа своето убаво“ се розевите очила или ескапизмот од предизвикувачките времиња, или ТВ Пинк визурата, од која СДС го црпи своето новокомпонирано политичко кредо, во кое доминираат ѓубрето, кичот и „гламурозната“ естетика на турбо фолкот.
Во нивната анахрона политика карактеризирана преку доминантната идеологија на криминалот, полуавторитаризмот и пост-транзициските рудименти, подведена под терминот хибриден режим, тие го доведоа измеќарството до највисок стадиум. Водењето на анационални, или да бидеме попрецизни, антинационални политики кои водат до редефинирање на нацијата, е нивниот политички императив веќе триесет и кусур години. Како претставници на една нова феноменолошка одредница – ЕУ фундаментализмот, водат политика на субмисивност кон се што не е наше, доведувајќи ја Македонија до стадиум на територија без идентитетски маркери, поништувајќи ги еден по еден.
И да не се сфатиме погрешно… Немам ништо против турбо фолкот пер се. Како своевиден социо-културен, трансгенерациски, потоа естетски, (секако) музички, па и политички феномен, е просто неизбежен во денешниот посттранзициски и постмодерен „anything goes“ контекст (и борбата против него треба да се одвива преку културна еманципација). Јас имам против турбофолкизацијата на политиката и турбо фолк владеењето на СДС, кое не доведе до оваа претполитичка состојба и чијашто пасокизација, за среќа, е сѐ по евидентна и чиј крај сѐ поизвесен, судејќи според декаденцијата и хаосот кој не опкружува. Што побрзо дојде до нивно елиминирање од политичката сцена (секако заедно со нивниот криминален партнер ДУИ), дотолку побрзо ќе се создаде подлога за нов политички почеток предводен од Левица.