АктуелноИнтернационално

Русија со силна поддршка за Србија во ООН по однос на Косово и Метохија

Приштина се обидува да го промени договореното и да ја претвори Заедницата на српски општини во некаква невладина организација и тоа мора да се отфрли, изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации на вчерашната Седница на Советот за безбедност посветена на Косово.

Постојаниот претставник на Русија во Организацијата на Обединетите Нации Василиј Небензја вчера изјави дека ставот на Москва за Косово и Метохија не е променет, и дека Белград и Приштина треба да постигнат договор врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Договорот мора да биде во интерес на Белград и Србите и мора да биде поддржан од Советот за безбедност на ОН“, рече Небензја.

Тој изјави дека состојбата во Косово е алармантна и дека во последните месеци е доведена на работ на нов конфликт.

„Приштина, со поддршка на западните земји, продолжува да се обидува да ја преземе контролата врз териториите каде што живеат мнозинството Срби“, додаде Небензја.


Рускиот претставник во ОН истакна дека меѓународната заедница не е загрижена за човековите права кога се работи за српското население.Тој потсети дека од 1999 година, мнозинството од неалбанското население на Косово и Метохија било принудено да ги напушти своите домови.

Небензја истакна дека објектите на СПЦ се под постојани напади и изјави дека од доаѓањето на Албин Курти на власт во февруари 2020 година, забележани се повеќе од 300 напади и случаи на насилство врз Србите. „Криминалците, како и обично, не се гонат“, констатираше тој.

Рускиот дипломат посочи дека е невозможно да се решат постоечките проблеми без преговори, постигнување договор и формирање механизам кој би ги заштитил Србите на северот на Косово, како и оние кои живеат јужно од Ибар.