АктуелноЛокалноСтав

Во одбрана на солидарниот данок

  • Пишува Јован Крајевски – Член на Президиумот на Левица

Провидна е критиката на Бојан Стојановски, пратеникот од редовите на ДПМНЕ, за „избрзаното“ законско решение за солидарен данок кој предвидува повисоки даноци за фирмите со екстра-профити. Целта на забелешката дека ваков данок треба да се носи во консултација со академската заедница и со тие кои треба да го платат данокот не е да биде конструктивна, туку да се спротивстави на воведувањето на прогресивен данок во каква било форма, макар тоа било и минималниот солидарен данок. Со ваквата реторика, пратеникот Бојан Стојановски од ДПМНЕ директно застанува во одбрана на крупниот капитал и лихво-банкарскиот систем, во чиј профит задира овој данок!

Дебатата за прогресивниот данок не е техничка, туку идеолошка!

Тавтологија е воопшто да се спомне дека политиката е идеологизирана. Политичките субјекти ги застапуваат интересите на разните политички класи во државата. Кога два политички субјекти на две спротивставени класи преговараат, тие не трагаат по најдоброто решение за целокупното население, ниту пак за решението кое што ќе биде надобро прифатено од академската заедница. Во таа ситуација, секој политички субјект преговара со цел да оствари што е можно повеќе од интересите на класата која ја претставуваат.

Посебно се губи „научноста“ на преговорите кога еден од полтичките субјекти се преправа дека ги застапува интересите на една од политичките класи, а во реалноста се бори за интересите на другата. Во таа ситуација, преговорите имаат за цел да го амортизираат гневот на поразената класа и да го задржат или зголемат политичкиот рејтинг кај граѓаните.

Во ситуацијата со солидарниот данок, пред нас се спротивставени две политички класи: работничката класа и класата на крупни капиталисти – олигарси. Каква академска дебата, побогу, може овие две класи да имаат? Каква научна теорија ќе и објасни на текстилната работничка дека лихво-банкарскиот систем во Македонија, кој од месец за месец ја „дере“ со камати на камати на камати и ја праќа по извршители, треба да си го задржи профитот што го остварил од нејзината немаштија?

Гневот што тлее во работничката класа, што бара да се намалат екстра-профитите, да се конфискуваат имотите на олигархијата, да се оданочи крупниот капитал – овој гнев е амортизиран со законските решенија на СДСМ. И тука е единствената точка на која ќе се сложам со Бојан Стојановски – законското решение за солидарен данок е избрзано, но не затоа што не е консултирана академската заедница или тие што треба тој данок да го плаќаат, тука затоа што е некомплетно решение кое што едвај малку чепнува од медот што олигархијата го собира.

Академската заедница ја поддржа криминалната приватизација во ‘90-тите

Академската заедница може да понуди анализа на објективната поставеност на нештата во Републиката и општеството, може да навлезе во разоткривање на интересите на одредена политичка класа, може да понуди теоретска анализа на методите на борба кои една или друга политичка класа ќе ги користи или може да се впрегне во разобличување и критика на „научноста“ зад која се кријат одредени политички субјекти.

Проблемот е што академската заедница во Македонија самата е политички субјект и ги брани интересите токму на олигархијата! Ова веќе со децении се докажува, одново и одново, и посебно беше евидентно во периодот на криминалната приватизација. А има ли потреба воопшто да се спомене, со чест на исклучоци, ставот или молкот на академската заедница во однос на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и преговорите со Бугарија?

Токму оваа академска заедница треба да биде мета на разобличување од страна на вистинските и искрени научници, а не од нив да се бара мислење во расправата за прогресивниот данок!

Прогресивниот данок – мелем за ескплоатација

Работничката класа не е работничка класа затоа што „работи“ и се „труди“. Работничката класа е работничка класа затоа што на пазарот нема што друго да понуди освен својата работна сила. Работникот не продава готов производ – тој е најмен од газда, за плата, да работи одреден број на часови во денот. Крајниот производ, што на овој начин е создаден, во себе ја содржи вредноста на целиот материјал потрошен на него, абењето на машинити употребени за него, дел од трошоците за интелектуална сопственост, за кирија и за се останато што било потребно за тој производ да се произведе.

Новиот дел од вредноста на крајниот производ е вредноста што работникот, со својот труд, ја додал, „составувајќи“ ги сите претходно наведени работи во нешто ново, поголемо од сумата на своите делови. На работникот овој дел од вредноста не му е исплатен во целост, од две причини. Прво, нема да може да се акумулира капитал и со тоа да расте производството, а и продуктивноста на трудот. Второ, доколку капиталистот ја даде целата таа нова вредност на работникот, нема да оствари профит и нема да има никаков интерес да функционира како капиталист.

Неисплаќањето на целосната вредност што работникот ја додал се нарекува експлоатација и постои во секоја бранша, без разлика колку виско е платен работникот. И програмерот што може да зема илјадници евра плата, не е исплатен во целост (и затоа е експлоатиран), затоа што доколку беше исплатен во целост, неговиот газда немаше да акумулира капитал, ниту да има профит.

Прогресивниот данок стреми да ја намали нееднаквоста меѓу класите која произлегува од оваа експлоатација, инхерентна на капиталистичкиот систем на производство. Тој вели: бидејќи работникот не добiва онолку колку што сработил, бидејќи газдата присвојува (легално краде) дел од вредноста што работникот ја создава и на тој начин го експлоатира, јас ќе земам од богатството на капиталистите и со нив ќе се потрудам да изградам болници, училишта, инфраструктура, јавен превоз, за да не мораат работниците и тоа да го плаќаат.

Секако, прогресивниот данок не го укинува профитот и капиталистичката експлоатација. Профитот пак останува за газдите. Прогресивниот данок е мелем за раните на работничката класа.

„Работничката“ политика на СДСМ

Не можам да завршам без да напоменам дека политиката на СДСМ во изминативе неколку месеци, освен што амортизира гнев, е и очаен обид да го зголемат својот рејтинг пред да дојдат изборите. Покачување на минимална плата, покачување на пензии, замрзнување на цени, солидарен данок – ова се мерки кои им помагаат на работниците, но не се спроведени во целост, не се навремено донесени и не се во доволна мера донесени за да суштински го зголемат животниот стандард. 

СДСМ флертува со прогресивниот данок уште од 2016 година. Седум години подоцна, од најавениот „пофер“ данок нема ни Д. СДСМ не се разликуваат од ДПМНЕ – двете се партии кои ги претставуваат интересите на олигархијата и нивните политики секогаш ќе бидат на сметка на работничката класа.