АктуелноЛокално

Советниците на ДПМНЕ во Град Скопје повторно блокираат одлуки без образложение

  • Реакција на Левица Град Скопје

На денешната 27-ма седница на Советот на Град Скопје, советниците на ВМРО-ДПМНЕ, повторно, без никакво образложение и забелешки, не гласаа и оневозможија донесување на одлуки кои се од витална важност, како за функционирањето на јавните установи и претпријатија во сопственост на Градот, како и одлуки кои се во насока на подобрување на јавниот превоз и амбиентот на воздухот во градот.

Имено, повторно на дневен ред се најде предлог-одлуката со која ќе се овозможи на Градот да набави нови екоавтобуси, кои не само што ќе овозможат подобар и поквалитетен јавен превоз за жителите на Скопје, надминувајќи ја потребата од ангажирање на приватни превозници за вршење на оваа јавна услуга – автобуси кои се под стандардите утврдени од Градот – со овие екоавтобуси ќе се намали и емисијата штетни гасови и на аеро-загадувањето. За жал, советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со негласање, не дозволија оваа одлука да биде донесена.

Дополнително, советниците на ВМРО-ДПМНЕ со истата тактика спречија и поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухот во Скопје, во непосредна близина на фабриката „ТИТАН Цементарница Усје„ АД Скопје. Со истата постапка, советниците на ВМРО-ДПМНЕ оневозможија и ДОНАЦИЈА на информатичка опрема од 100 преносни компјутери на ЈУ Градска библиотека “Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Истовремено, советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за одлука со која се предвидува одржување и сервис на сите возила сопственост на Град Скопје во Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје – Скопје, со што, не само што ќе се овозможеше одржување и сервис на возниот парк на Град Скопје за тој да биде во солидна функционална кондиција на сите возила во сопственост на Град Скопје, вклучувајќи ги и специјалните возила на БППЗ, туку на овој начин одржувањето ќе биде поефикасно, поекономично и пофункционално искористување на сите капацитети и ресурси во надлежност на Град Скопје, наместо тоа да се прави во приватни профитабилни правни лица.