Левица: Милионски задолжувања за реформи во основното образование, а ни денар за наука и истражување

Политичката партија Левица, денес упати писмена реакција до јавност поради запоставувањето на најзначајните културни институции од страна на власта.

Имено, станува збор за Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, кој веќе 10 години не добива пари за научно-истражувачка дејност.

„Се работи за институт, кој е придружна членка на УКИМ, а е под надлежност на МОН, чијашто улога е да го документира, архивира и да го афирмира нашето богато народно творештво. И покрај ваквата значајна улога, овој институт со години е игнориран и веќе десет години функционира без пари за научно-истражувачка дејност. Од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, бараат да бидат вратени на финансирање преку програми, како порано, или да се донесе нов Закон за научно–истражувачка дејност, кој ќе овозможи средства за проекти, кои тие веќе десет години не ги добиваат“, се вели во реакцијата.

Од Левица додаваат дека, одговорот на Министерство за образование на ова прашање е оти, работат на целосна промена на начинот на финансирање на научно-истражувачката дејност, преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото фианнсирање, како и на изготвување целосно нов Закон за научно-истражувачка дејност.

„Останува нејасно, како успеаја да ја сработат фамозната концепција за реформи во основното образование за нецели три месеци, со цел истата да биде аргумент за милионско задолжување, додека куп институции, кои се занимаваат со научно-истражувачка дејност опстојуваат на маргините, без можност да го реализираат целиот научен потенцијал на научниците, кои се заробени во овие институции“, реагираат од секторот Култура на Левица.

На крај, тие потенцираат дека грижата за културното наследство и унапредување на науката мора да бидат на високо ниво, посочувајќи едно од решенијата за овој проблем, кој е предложен во нивната програма.

„Грижата за културното наследство и унапредувањето на науката се фундаментални во секое просперитетно општество. Левица во својата програма се залага за создавање посебен буџет за развој на науката, во процент кој е соодветен  на праксата на ОЕЦД, со цел да се оживее научно-истражувачката дејност.“