Како Мондрaгон кој е во сопственост на работниците стана една од најголемите светски корпорации
- Пишува: Љубиша Петровски
Корпорацијата Мондрагон е основана од католичкиот свештеник Хозе Марија Аризмендијариета во 1956 г. Компанијата почнала со пет работници во малото гратче Мондрагон во областа Баскија, и првично се занимавала со производство на парафински печки.
Денес Мондрагон е град со 22.000 жители каде нема раскошни вили по ридовите, нема сиромашни луѓе на улиците, но затоа има солидно ситуирана средна класа која живее пристојно, но не и луксузно.
Трудовата корпорација Мондрагон вработува 80.000 работници во 100 автономни работнички задруги (кооперации) кои се поделени во 4 деловни сектори – производство, продажба, финансии и образование.
Во 2021 година, компанијата донесе повеќе од единаесет милијарди евра приход. Колективот поседува петстотини и пет видови патенти и вработува околу дваесет и четири илајади истражувачи. Таа, исто така, поседува подружници во земји како Кина, Германија и Мексико, и ефикасно се натпреварува на меѓународните пазари, добивајќи договори од фирми како што се General Electric и Blue Origin.
Овде сопственици на корпорацијата и задругите се самите работници. Од 1956 г до денес тие самите управуваат со целата корпорација.
Уште во 2012 година , Ричард Д. Волф , американски професор по економија, за овој модел на управување кажа дека е одлична алтернатива на капиталистичкиот начин на производство, нагласувајќи ги релативно добрите плати што ги имаат вработените, учеството на обичните работници во донесувањето одлуки и создавањето чувство на идентитет меѓу работниците во компанијата, поттикнувајќи средина на солидарност и колегијалност меѓу нив.
Зошто корпорацијата Мондрагон е толку посебна?
Клучот за успехот почива на меѓусебната солидарност на работниците и задругите. Таа функционира на 4 основни приципи кои модерните демократии не можат целосно да ги сватат:
- соработка;
- активно учество во одлучувањето, односно самоуправување;
- општествена одговорност (се реинвестираат 10 проценти од профитот на корпорацијата во хуманитарни цели и во заедницата, а дури 40 проценти во развој, образование и отворање нови работни места) и
- иновации (технолошки развој).
Корпорацијата има свој универзитет Мондрагон со 15 развојни технолошки центри и 9.200 студенти. Поседува сопствена банка Caja Labora со 1.800 вработени во 370 филијали и 330 милиони евра годишен профит, а нејзината задача е да обезбеди почетен капитал за нови задруги, односно отворање нови работни места. Тие имаат и финансиска институција Лагун Аро, задолжена за социјалното обезбедување на работниците, што за Мондрагон функционира како алтернативен пензиски систем. Приносот добиен од овој фонд се користи за бенефиции при пензионирање, за помош при смрт на партнерот и инвалидност, комплементарни на оние што ги нуди шпанскиот систем за социјално осигурување.
Единствено што немаат е сопствената болница – здравството е единствената гранка во која не нашле доволно кадар за да основаат солидарна задруга.
Одборот и раководството се избрани од работниците и заработуваат просечно 30 отсто помалку во споредба со колегите во капиталистичкиот сектор (истото важи и за банкарите, професорите и продавачите), додека пак работниците во просек заработуваат 13 отсто повеќе од своите колеги.
Соодносот на најголемата и најмалата плата во задругата периодично го одлучуваат нејзините работници-сопственици преку демократско гласање.
Највисоко платениот извршен директор на секоја задруга има најмногу шест пати поголема плата од својот најниско платен вработен. Нема надворешни акционери. Наместо тоа, по привремен договор, новите работници кои се докажале, може да станат членови-сопственици на нивните задруги. Управниот директор делува како еден вид извршен директор во секоја кооперација, но самите членови гласаат за многу витални одлуки за стратегијата, платите и политиката, а гласовите на сите членови, без разлика дали се повисоко раководство или не, се бројат подеднакво.
Како функционираат задругите?
Задругите просечно имаат до 1.500 работници, каде што сите членови се познаваат и неформално си помагаат и ги решаваат проблемите. Во своето долгогодишно постоење само една задруга отишла во стечај, а тоа била најголемата задруга со 3.000 работници, во која меѓусебните односи на членовите почнале да се нарушуваат, а начинот на управување почнал да станува бирократски.
Поучени од ова во Мондрагон веруваат дека пријателството на почетната група работници е најдобра основа за воспоставување на нови кооперативни и продуктивни работни односи.
Врз основа на предложената идеја од некоја група работници, корпорацијата Мондрагон обезбедува изготвување на бизнис план и истражување на пазарот. Банката Caja Labora која е дел од корпорацијата, го обезбедува капиталот, и стои зад задругата (кооперацијата) додека таа не застане на нозе. Работниците, исто така, треба да вложат првични парични средства, еднократно или на рати, преку одбитоци на плата во текот на две години (околу 5.000 американски долари – и парите одат во фонд за отворање работни места).
Кога поединечните кооперативи работат добро, нивните членови учествуваат во профитот. Кога времињата се тешки, кооперативите колективно се поддржуваат еден со друг, споделувајќи средства и прераспределувајќи работници меѓу себе за да ги зачуваат работните места. За време на пандемијата, работниците во многу кооперации во Мондрагон гласаа за привремено намалување на сопствените плати додека не се опорават пазарите.
Доколку задругата наиде на потешкотии, се свикува состанок на сите работници за да се одлучи како понатаму. Неколку дена по донесувањето на новиот работен план, 20 отсто од работниците одат на едногодишен принуден одмор со 80 отсто од платата. Ако потешкотиите продолжат и по една година, групата што била на одмор се враќа на работа, а друга група што работеле сега одат на едногодишно „чекање“. Сите работници кои чекаат можат, доколку сакаат, да се преквалификуваат за во друга задруга. Во случај на неуспех и по две години – банката ја суспендира поддршката, без да бара поврат на средства.
Мондрагон станува толку интересен за светот што почнуваат да се организираат и туристички тури со посета на задругите каде е предвидена и средба со лидерите на коорпорацијата со почетна цена од 2600 долари.