Арсовска со повторно барање до советниците за купување еколошки автобуси со кредит

Градоначалничката Данела Арсовска повторно ќе се обиде од советниците да добие зелено светло за набавка на еколошки автобуси. На дневен ред на наредната седница на Советот, која е закажана за 30 април, повторно ќе се најде истата предлог одлука која пред два месеци не беше изгласана – за подигање кредит на Град Скопје, кај домашна банка за купување нови автобуси. Заемот што за оваа намена би се зел е во износ од 620 милиони евра, а Град Скопје би го отплаќал со пари од градскиот Буџет.

Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајки лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејки грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еко автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука ќе се овозможи Град Скопје преку домашно долгорочно задолжување да изврши набавка на еко автобуси – се вели во образложението на предложената одлука.

Советот на Град Скопје првиот пат не го прифати предлогот на Арсовска за купување нови еколошки автобуси преку долгорочено кредитно задолжување во некоја од домашните банки за сума од 620 милиони денари, односно околу 10 милиони евра. За предлогот гласаа 15 советници, еден беше против, а 18 воздржани, што не беше доволно за изгласување таква одлука. Ниту сега, ниту тогаш не беше прецизирано ниту колку автобуси би можеле да се купат со тој кредит, ниту од кој производител, што за многумина од советниците беше причина да се воздржат од давање поддршка на предложената одлука.