Ванковска: Никој не смее да ве казни, ако на денот на гласањето не се појавите на работа

  • Фејсбук статус на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател поддржана од Левица

Откако реагирав за првичната дискриминаторна одлука на Владата деновите кога се гласа (24 април и 8 мај) да бидат неработни само за вработените во јавниот сектор, се чинеше дека ја примиле пораката. Па така, она што беше ПРЕПОРАКА до приватниот сектор наредниот ден (божем) се коригираше со еднаков третман на вработените во јавниот и приватниот сектор.

Но, до мене од разни страни стасуваат скриншотови од пораки на приватни работодавачи кои им јавуваат на вработените дека тие денови ќе се работи. Дури и печатницата која ги подготвува изборните материјали ќе си работи нормално.

Не е веќе прашање само за гласачите, туку уште повеќе за набљудувачите, бидејќи главниот изборен криминал се прави таму каде што нема набљудувачи, а овие сијамските близнаци си ги редат работите во записниците со „братска делба“.

Мојата порака е: ако на денот на гласање не се појавите на работа иако приватниот работодавач ви пратил порака со друга содржина, не смеат да ве казнат или отпуштат од работа поради тоа. Ќе ви понудат да ве наградат како за работа во празничен ден, а иронијата да биде поголема демек изборите се празник на демократијата – ама вие ќе морате да работите.

Владата е ујдисана со приватниот сектор, а нејзината одлука е во вид на заклучоци. Сега на сите нас, како граѓани, е да сториме се’ да не го опструираат изборниот процес со разни финти.