Протест за поддршка на доктор Вучевски: Вината e во тие кои ги граделе модуларните болници
Тетовци утринава пред основниот суд Тетово, пред да продолжи главната расправа од судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, одржаа мирен протест за поддршка на доктор Бобан Вучевски, еден од обвинитетите за пожарот што се случи на 8 септември 2021, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
Граѓаните велат дека вината е техничка, е не лекарска и нема логика доктор која 24 часа се грижел за здравјето на тетовци, во време на најголемата ковид криза да биде обвинет и да му се суди. Тој е потребен на градот, неговата хуманост сите ја знаат, истакнаа граѓаните.
„Јас не сум да се амнестираат виновници, но вистинските виновници не се кријат овде денеска во судот, тие треба да се најдат таму каде што се. Да се работи за лекарска грешка во ред, тука не се работи за лекарска грешка, за техничка грешка се работи за која треба да одговора некој друг, а тој друг се знае кој е, тоа се авторите на овие објекти што ги дигаат низ Македонија“ посочи жител жител на Тетово.
„Тој нема никаква вина, дека вината не е докторска туку техничка, значи кога се пушта некој објект треба да биде технички се исправно, а тој таа вина ја нема и затоа ние му ја даваме поддршката. Вакви доктори нас ние се потребни, а посебно на нас тетовци, затоа што доктор Бобан навистина се грижи за сите, тој неуморно работи и не гледа богати сиромашни, на секого сака да помогне и тој ја заслужува поддршката од сите нас“, посочи една учесничка од денешниот мирен протест.
Доктор Бобан Вучевски, покажа во време на криза како треба да се однесува еден доктор, ќе останеме во негова одбрана до крај, вели друг тетовец.
„За време на кризата која што демнееше над сите нас, тој го даде својот максимум, покажа како треба еден доктор да изгледа, човек кој се грижи за граѓаните. Ние денеска го повикуваме Јавното обвинителство да размисли за нивните предлози исто и судијата каква одлука ќе донесе, затоа што јас сум сигурен дека сите граѓани во државата, тие кои го познаваат, би му дале поддршка. За другите не знам, тие кои се исто обвинети на некој начин не им ги знам приликите, но за Бобан знам и затоа ќе застанеме до крај до последно“, додаде друг жител на Тетово.
Судењето, односно главната расправа започна пред три недели, на 7 декември, откако од септември па до овој месец, почетокот на судскиот процес беше одложуван.
Превземено од: Слободен печат