Лавров: Toa што не може да се реши на маса ќе се реши на фронт

Киев и Вашингтон оценуваат дека Русија не сака преговори, при што Москва не одговара на украинските барања, кои вклучуваат целосно повлекување на руските трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој беше присоединет кон Руската Федерација по референдумот во 2014 година.

Предлозите на Москва за решавање на проблемите во Украина му се добро познати на Киев и Украина или ќе ги исполни за свое добро или руската армија ќе одлучи за тоа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за агенцијата ТАСС.

„Нашите предлози за демилитаризација и денацификација на териториите контролирани од режимот, отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои доаѓаат од таму, вклучувајќи ги и нашите нови територии, му се добро познати на непријателот. Работите се едноставни, исполнете ги условите за свое добро, во спротивно, за тие прашања ќе одлучува руската армија“ – изјави вчера Лавров.

Русија ја отпочна „специјална воена операција” во Украина за „демилитаризација” и „деназификација” на својот сосед во февруари годинава. Киев операцијата ја оценува како инвазија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Русија е подготвена да преговара со сите страни вклучени во војната во Украина, но тогаш Киев и неговите западни поддржувачи ги отфрлиле преговорите.

Денес, ситуацијата е изменета, особено што минатата недела претседателот на САД изрази став во кој бара преговори, што беше одбиен од руска страна. Ставот на Русија е дека преговори со Украина се можни само кога оружјето и војската на НАТО ќе ја напуштат земјата.

Киев и Вашингтон се свесни дека под тие услови кои ги поставуваат Русија нема да преговара. Лавров за ТАСС на прашањето за тоа колку долго ќе трае конфликтот, изјави дека „топката е во теренот на режимот, а Вашингтон стои зад него”.