АктуелноЛокално

Изложба на Владимир Георгиевски во Музеј на Град Скопје

  • Објава на Музеј на Град Скопје

Во Музеј на Град Скопје денеска (7. декември) ќе биде свечено отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

Делата на Владимир Георгиевски ќе бидат поставени во целиот расположив галериски простор на Музејот. Изложбата се состои од стотина дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.

Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ.


По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај’). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Има реализирано од 1977 година (1977 Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016 Скопје, Музеј на град Скопје) дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.