Левица: Вазалска е владината одлука за воведување на визи на Куба и Боцвана
-Реакција на Политичката партија Левица
Надворешната политика на Македонија целосно ја има изгубено својата сувереност. Ова го потврдува и одлуката на македонското МНР да воведе визи за земји како Куба и Боцвана.
Ваквата одлука на нашето МНР, без апсолутно никаква причина и образложение да воведе визен режим на земји кои никогаш во својата историја немат водено штетна политика кон Македонија, е навистина сулуда. Особено што станува збор за држави кои безрезервно ја признаваа државата под нејзиното уставно име, почитувајќи го правото на самоопределување на македонскиот народ и неговиот суверенитет над својата држава.
Ако се земе во предвид и фактот дека Македонија нема дипломатски претставништва во овие земји, со ова како држава, процесот за добивање на виза за државјаните на овие две земји го правиме практично невозможен и поставуваме бариери кон народите на земји кои негуваат кон нас пријателски односи.
Османи недволично потврди дека владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, ја донела оваа одлука во контекст на усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и уште еднаш го покажа протекторатското и вазалско однесување на власта кон колективниот Запад, кој пак премолчно ги храбри државите како Грција и Бугарија, во нивните негаторски политики кон Македонија и македонскиот народ.
Левица најстрого ја осудува ваквата, во најмала рака, срамна одлука на владата предводена од СДСМ и ДУИ, чија единствена цел во нивното водење на надворешната политика, очигледно е само тоа да бидат допадливи и максимално понизни кон нивните „камшикари“.