Урсула фон дер Лајен под истрага за набавка на вакцини против корона вирусот

Европската јавна обвинителка Лаура Кодрута Ковеси во вчерашната посета на Загреб ги претстави активностите во борбата против корупцијата и измамите со кои се крадат европските пари, и изјави дека е покрената истрага во врска со набавката на вакцини против корона вирусот од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Добивме поплаки од поединци и ја имаме таа обврска, така што случајот беше отворен пред неколку месеци врз основа на тие поплаки“, рече Ковеси, објаснувајќи дека е покрената истрага во врска со набавката на вакцините против корона вирусот и улогата на Урсула фон дер Лајен во тој процес.

„Имаме многу искусни обвинители, професионални и храбри. Нашата независност е загарантирана. Ги имаме сите потребни алатки за да спроведеме каква било истрага и што е уште поважно, законот е еднаков за сите“, вели Ковеши.

Весникот „The New York Times“ пред извесно време извести дека личниот контакт на извршниот директор на „Pfizer“, Алберт Бурла, и претседателката на Европската комисија, бил клучен за склучување на договорот во вредност од повеќе милијарди евра.

Ковеси смета дека не постои земја во Европа каде што нема корупција, а како најголем проблем ја гледа неефикасната борба против шверцот од секаков вид и измамите со данокот на додадена вредност (ДДВ).

За трите години додека Романката Ковеси беше на функцијата јавен обвинител на ЕУ, примени се над 4.000 кривични пријави, од кои повеќе од половина се поднесени од граѓани, покренати се над 1.200 истражни постапки, а запленети се 250 милиони евра, што е пет пати повеќе од буџетот на обвинителството.