Левица поднесе иницијативи за изработка на физибилити струја за формирање на јавни претпријатија за производство на електрична енергија
- Соопштение на Политичката партија Левица
Во сите општини во Македонија, каде Левица има свои советници или советничка група, поднесе Иницијативи за донесување Одлука за изработка на физибилити студија – со цел основање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија.
Со формирање на ова Јавно Претпријатие (ЈП) за производство и продажба на електрична енергија се отвара можност општината да приходува од овие дејности, со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање на ЈП, да остварува и финансиска добивка, која би ја инвестирала во подобрување на условите за живот на жителите.
Во првата фаза, првична цел на овие ЈП е да изградат фотоволтаични централи на сите поволни локации (кровови на училишта, градинки, општински згради, спортски сали итн.) кои ги стопанисува општината чиј основач е.
Во втора фаза – да инвестира во производствени капацитети за електрична енергија на поволни локации во рамките на територијата на општините, со што ќе го зголеми потенцијалот за развој на општинско ниво и ќе претставуваат енергетски независни општини.
Додека во трета и последна фаза, ова ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, јавните претпријатија основани од општината и други потрошувачи.
Енергетскиот сектор мора да биде во наша сопственост, не смее да се дозволи да премине во рацете на поединци, како што е во моментов.
Затоа, оваа иницијатива на советниците, изработена од Секторот Енергетика на Левица , е најефикасното и најефективно решение за справување со моменталната енергетска криза.