Кога државата ги штити трговците производителите се самоорганизираат

  • Фејсбук статус на Јован Крајевски – член на Президиумот на Политичката Партија Левица

Маркс и Енгелс велат: пролетеријатот нема татковина.

Причината поради која што доаѓаат до овој заклучок е што тие точно увидуваат дека државата е алатка за угнетување на сите останати класи од страна на владеачката класа. Затоа работникот нема татковина – државата за едни е мајка (олигархијата), за други е маќеа.

Сега, во услови на криза, гледаме дека на работничката класа и е дојдено преку глава од самоволието на буржоазијата и почнува да се организира за паралелно на постоечките методи на дистрибуција, таа самата да си ги донесе млечните производи од фармата до масата.

Идеата е симпатична и јас секогаш паѓам на шмекот на самоорганизираноста на народот. Но, она што трезвено и во форма на конструктивна критика мора да се забележи за оваа иницијатива е следното: кои се границите на ваквото паралелно организирање?

Ако збориме за операција што ќе ги задоволи потребите на мал дел од народот, тогаш нема потреба воопшто да навлеземе во каква било политичка дискусија за феноменов и можеме да продолжиме со други теми, бидејќи голема е веројатноста оваа паралелна дистрибуција никогаш да не допре до нас.

Ако збориме за операција што претендира да ги задоволи потребите на пошироките маси, тогаш се соочуваме со два проблеми:

– како сета произведена стока ќе се чува,проверува и дистрибуира низ државата (по карго не е реален одговор)?

-што ќе се прави кога ваквата операција ќе удри по џебовите на олигархијата и истата ќе реши да го возврати ударот користејќи ја државата (преку закони, полиција, војска)?

Мора да се искористи (и да се надгради!) постоечкиот метод на дистрибуција и мора да се стави државата и нејзините угнетувачки моќи во рацете на работниот народ, преку освојување на политичката власт за целиот пролетеријат. Само така оваа операција може да прерасне во нешто доволно големо за да ги задоволи потребите на широките народни маси и потоа да се одбрани од контра-нападот на олигархијата.