АктуелноЛокално

Звукот на Скопје: Љубојна, Баклава, Перија, Дориан и Добрила дуо, Тони Китановски со модерна, моќна и енергична музичка разгледница за Скопје

Програмата на „Звукот на Скопје” во сабота (17 септември) продолжува со несмалено темпо и содржини. Бендовите кои ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза” (пред Филхармонија) и на Ибни Пајко испраќаат модерна, моќна и енергична музичка разгледница за Скопје.

Плоштадот Мајка Тереза (пред зградата на Филхармонија) в сабота е локацијата на која настапуваат: Брука бенд (Brooka bаnd) Foolish Green, Bla, Bla, Bla…Тони Китановски и Черкези и „Љубојна”.
„Brooka band” е скопски реге/рага/рап бенд формиран 2014 година чии членови се: Жарко и Дарко Масларковски, Александар Савовски и Лупчо Симоновски, а во полниот состав на бендот се и вокали, тапани, гитара, бас гитара, клавијатури, труба, алт саксофон, тенор саксофон, тромбон, перкусии и ди џеј. Во 2018 година го издадоа албумот „До Преѓе” кој има над 400.000 преслушувања на јутуб и едно ЕП во 2020, како и неколку синглови.

Групата „Foolish Green” на локалната сцена се појавува во 2010 година како јасна идеја на Ненад Стефаноски за создавање музика со широка разновидност на влијанија од психоделичните поп и рокенрол жанрови. Членовите Ненад Стефаноски – вокал и гитара, Драган Стојковски – бас гитара, Петар Лукиќ — пијано и клавијатури, Александар Ванчовски — тапани и перкусии и Ади Имери — гитара и вокал преку користењето алтернативни методи за снимање и за создавање хармонични гласови над музичките структури, од „Foolish Green” создадоа еден од највозбудливите и најинтересни состави на актуелната македонска музичка сцена.
Тони Китановски и Черкези уште еднаш пред скопската публика ќе се претстават со автентичен израз и ќе покажат дека спојувањето на љубопитните музички духови на Китановски и дувачкиот оркестар на Черкез Рашид произведе многу оригинални ефекти и остави печат на меѓународната сцена изминативе петнаесетина години. Фузијата на џезот со ромската музичка традиција стана движечка сила на нивните музички потфати. Првите години на составот беа обележани со звукот на три генерации музичари од семејството Рашид, а Тони го истакнуваше автентичен индивидуален израз на секој музичар при креирањето на оригинални композиции и аранжмани за овој оркестар.