АктуелноЛокално

Ново унижување на високото образование во склад со бугарската агенда

  • Пишува Горан Јекиќ, градежен инженер доктор на науки по земјотресно инженерство

Користејќи ги лошите состојби во македонското високо образование, во кое, за жал, царува корупција, непотизам, дневно политикантство, хиперпродукција на речиси неупотребливи кадри со дипломи и кое секоја година сѐ повеќе тоне на светските ранг-листи, Бугарија се обидува да се наметне како „спасител“ на идните македонски студенти.

Генерации Македонци се сведоци на многудецениските напори на Бугарија да го асимилира македонскиот народ, присвојувајќи му ја историјата и културата, негирајќи му го јазикот, бесрамно изразувајќи територијални претензии кон Македонија, а во последно време со „великодушно“ делење бугарски пасоши на македонски граѓани принудени макар на таков начин да побегнат од сопствената држава која политичките бандити им ја претвориле од мајка во маќеа.

Денес, во 21 век Бугарија од позиција на земја-членка на ЕУ, а во спрега со домашните предавници кои што се на власт се обидува да им забрани на Македонците да создаваат, да пеат, да пишуваат, да се сеќаваат, да си ја знаат историјата, а сето тоа наводно во име на некакви европски вредности.

Најновиот обид за обезличување и асимилација на Македонците од страна на Бугарија е најава за наводно беспплатно студирање на Македонци во Бугарија. Бугарија ќе издели некоја сума од државниот буџет, што на осиромашениот до беда Македонец можеби ќе му изгледа примамливо, но јасен е мотивот во позадина.

Оваа идеја на бугарскиот службен министер за образование Сашо Пенов е дополнителен обид за асимилирање на Македонците. Тој во јавноста пласираше идеја на идните студенти од Македонија да им понуди студирање целосно финансиски покриено од државата. Иако  условите во кои живеат студентите се лоши, за возврат на таквата „великодушност“ од нив се бара да се изјаснат како Бугари, сметајќи на тоа што условите кои им се нудат во Македонија се далеку полоши, а младите луѓе не гледаат никаква перспектива.

Имено, целиот образовен систем, без поштеда ниту за високото образование, со години наназад се девалвира и се обезвреднува.  Место да гради стратегија како да го унапреди студентскиот стандард и квалитетот на настава, МОН се претвори во златна рипка за исполнување партиски желби. Никнаа бројни универзитети, се поделија звања и титули, се сместија ќерки, снаи и синови и зетовци (и понекоја швалерка). Како што се множеа универзитетите, се множеа и проблемите, а се раситнуваше квалитетот.

Тажниот епилог на децениското некомпетентно, непотистичко и дневнополитичко креирање образовни политики денес ни тропа на врата, во форма на нескриени асимилаторски аспирации од страна на соседна Бугарија.