Србија ќе купува беспилотни летала „Бајрактар“ од Турција

Србија ќе купи од Турција беспилотни летала „Бајрактар“ во вредност од неколку стотици милиони евра, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.

„Денеска разговаравме за проширување на соработката меѓу нашите министерства за одбрана, воена соработка, соработка во одбранбената индустрија. Сакам да кажам, а не криеме, дека Србија планира да купи беспилотни летала Бајрактар. Но, гледаме дека цел свет сака да ги купи, па влеговме во ред и чекаме“, изјави Вучиќ.

Наместо првично договорени неколку десетици милиони евра, Белград е подготвен да купи беспилотни летала во вредност од неколку стотици милиони евра, соопшти српскиот Претседател. Тој најави и заеднички вежби на падобранците на Србија и Турција.

Оваа набавка на оржужје од Турција Србија ја најави уѓте во април месец годинава. Според неофицијални податоци ќе бидат набавени помеѓу 12 и 18 вакви летала.