Здравјето не смее да биде бизнис
- Реакција на Левица – Здравствен сектор
Криминалната приватизација што се случи во 90-тите при транзицијата на македонската економија во слободен пазар, не само што го уништи она што народот заедно го имаше изградено, туку дел од тоа богатството беше и отуѓено во рацете на приватниот капитал. Приватниот интерес дури беше и поттикнат со државни пари – ставајќи го профитот на пиедесталот на општеството.
Токму ваков е случајот и со првата кардиохирургија во Република Македонија, за што од буџетот на државата беа тогаш одвоени околу 23-24 милиони германски марки, за на крај, тоа да биде присвоено од Жан Митрев, и тоа како монопол на пазарот, но во приватни раце.
После толку години, тоа дека со препуштање на здравството на олигарсите преку приватизација ќе се подобри и јавното здравство, денеска сведочиме дека било сосема погрешно. Не само што здравствените услуги не се подобрија, туку тие станаа и недостапни за огромното мнозинство, квалитетот и капацитетот на јавното здравство падна драстично, профитот стана единсвена мерка во регулацијата на здравството.
Оттука, не не изненадуваат појавите на профитерството по цена на животот, за што станува збор во сторијата на истражувачките новинари објавена вчера, а која се однесува на работењето во време на ковид пандемијата на клиниката Жан Митрев.
Одговорноста пред се’ треба да се бара во тогашниот министер за здравство Венко Филипче, кој, додека приватните болници профитираа во екот на пандемијата, се фалеше дека „се’ е под контрола“. Венко Филипче не најде за сходно да го поддржи и предлогот на Политичката партија Левица, што се однесуваше токму на тоа да се ограничат цените за лекување во приватните клиники.
Тоа требаше да биде прв чекор кон ограничувањето на приватниот интерес и профитот во здравството, но „социјал демократите“, СДСМ и ДУИ како коалициони партнери, го одбија овој предлог и дури го оставија народот да се задолжува до гуша за да може да го лекува својот близок или себеси. Тие профитот и интересот на нивните финансиери го ставија пред животот и здравјето на нацијата.
Секторот за здравство при Политичката партија „Левица“ ги повикува институциите да ги стават под лупа дејствијата на сите приватни болници во Македонија и да извршат темелна ревизија на нивната работа во време на пандемијата.
Парарелно, да се отпочне реформа, каде чекор по чекор, ограничувајќи ги приватните интереси и профитот во давањето здравствени услуги и сите здравствени капацитети да ги стави во функција на јавното здравство, за здравствените услуги да станат достапни за секого, а не само за богатите!
Здравјето не е и не смее да биде бизнис!