АктуелноБиблиотекаЛокално

150 години од раѓањето на Јане Сандански

Во историјата постојат два вида на личности – едни што ја создаваат и други што ја следат историјата. Денес, после 150 години од неговото раѓање, дефинитивно можеме да потврдиме дека Јане Сандански е од оние кои ја создадоа македонската историја. 

Па не попусто оваа држава му оддава почит и спомен со опевање во својата химна.

Веројатно претставува една од најзначајните личности на македонското ослободително дело од крајот на XIX век и почетокот на XX век. Истакнат македонски револуционер, војвода, организатор, идејник и агитатор на Тајната македонско – одринска револуционерна организација (ТМОРО). Можеби најпрецизно би се опишал како претставник на македонската народна интелигенција и авангарда на своето време, чија определба била изведувањето на „морална и политичка револуција”.  Ги поминал сите развојни фази од обчен борец, преку главен војвода, до командант на оперативен штаб.

Тој е личност со рано всадена и постојано култивирана свест за високите вредности на човековото достоинство. Јане Сандански се покажал како мошне способен агитатор меѓу народот и успешен организатор во привлекувањето на народот и ширењето и зацврстувањето на организациската мрежа во селата. Но и најзаслужниот за проширување и организирање на Илинденското востание во Серско. Покрај директните соработки во организирањето со Г. Делчев, Сандански се чини дека е најнепосредниот и најревносниот негов следбеник, имајќи ги предвид залагањата за принципите на раководење на Организацијата.

„Сандански прв по Делчев од раководните дејци на македонската револуција ги има вештината и умешноста како да ги поставува прашањата од животот на Организацијата и како да се бори како нејзин кормилар” – Иван Кепов, македонски прогресивен деец и публицист

Можеби ќе остане врежан во меморијата по аферата Мис Стоун. Откако во 1901 година, бил испратен од Делчев за војвода во пограничните региони на Серскиот округ согледал дека населението е сиромашно за набавка на оружје, па така се родила идејата за доаѓање до парични средства преку грабнување на богати или други знајачјни личности и добивање на откуп за нивно ослободување. Со грабнувањето на Мис Стоун успеале да обезбедат 14.000 лири за нејзино ослободување, кои подоцна ги искористиле за купување на оружје и муниција, неопходни за водење на револуционерната борба. Тој прилив на пари бил навистина значаен за зачувување на делумната финансиска независност на Организациајта.

Бил верен на револуционерниот концепт за ослободување на Македонија, а од Пиринскиот крај направил тврдина на антиврховистичката борба и браник за спречување на големобугарските и сан-стефански идеи.

Тој е еден од најприсутните во македонскиот револуционерен фолклор, што, несомнено, е резултат и показател на непогрешливиот инстинкт на народната средина за неговата дејност и значење. Во народната меморија, која секој Македонец ја учел од постарите, од нивните прикажувања и од песните што ги пееле покрај семејните огништа или домашните веселби, Јане Сандански останал запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, како негов организатор, водич и заштинитк. Затоа народот го именувал традиционално како „Пирински Цар”, метафорично опишувајќи ја неговата величина.

Во поновиот период, не случајно токму од перото на основоположникот на совремната македонска поезија – Коста Солев Рацин, произлегува и првата поголема поетска творба посветена на Јане Сандански, која, иако се смета дека е недовршена, претставува еден вид негова стихувана биографија. Оваа поема, токму поради фактот што не била доработена, многу илустративно зборува за споменот на големиот македонски војвода што македонскиот народ го негувал во континуитет.

Убиен е во пазувите на Пирин планина (22 април 1915 г.)  во заседа од врховистите – живееше борејќи се со нив, а така и загина!

„Јас не очекувам скорешно ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум јас жив. Но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам, и доколку се случи тоа, тој ќе ја извојува својата слобода и без мене“

Јане Сандански

Вечна ти слава војводо! Македонија ретко раѓа вакви великани, но таквите како тебе се семе на бесмртна идеја – „Да живееш, значи да се бориш. Робот за слобода, а слободниот за совршенство.