Битката за Мариупол е завршена

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Доцна синоќа, припадниците на нацистичкиот баталјон Азов, криејќи се на своето последно упориште на мега фабриката Азовстал во Мариупол, решија да се предадат, и покрај тоа што претходно изјавуваа дека ќе се борат до крај, и дека падот на Мариупол значи пад на Украина. Ноќта повеќе од 300 припадници на Азов и украинската армија излегоа со бели знамиња. Ноќта престана да биде темна и утрово, нови групи припадници на Азов и другите единици на украинската армија со бели знамиња почнаа да излегуваат од скривниците на мега фабриката Азовстал, и да се предаваат на руската и доњецката армија. Дел од нив се префрлени во затворите во Донбас, а дел во затворите во Русија.

Победата во Мариупол ќе биде од голем психолошки карактер за руската и доњецката армија, а истата ќе има негативен ефект врз Украина и украинската армија. Официјална Москва, како и Доњецк, изјавуваат дека припадниците на Азов и на украинската армија се предале без било какви предуслови или барања, додека пак официјален Киев, како и западните медиуми предавањето на Азов и гарнизонот во Мариупол го нарекуваат евакуација. Но евакуација каде? Во руските и доњецките затвори, каде што припадниците на Азов ги чека воен суд?

Според извори од Мариупол и од Доњецк, вкупно се предале околу 2 500 припадници на Азов и на украинската армија. А меѓу оние кои што се предале и кои што треба да се предадат, има и доброволци од странство, од НАТО држави кои што војувале во редовите на Азов. Припадниците на Азов се задоени со нацистичка идеологија, обучени според НАТО стандарди, на крајот на својот борбен пат, наместо со штит или на штит, одлучија да го положат оружјето, да кренат бело знаме и да се предадат и на тој начин да го урнат митот дека се терминатори кои што никогаш не се предаваат.

Најголемата и најборбено подготвена воена формација на вооружените сили на Украина, односно гарнизонот Мариупол од 20 илјади луѓе, изгуби огромен град целосно подготвен за долгорочна одбрана за само еден месец. Дури и ИСИС во Мосул и во Рака успеа да се оддржи повеќе време, и скапо да ја продаде својата кожа. Се предадоа пред моќните налети на доњецката армија, составена од рударите на Доњецк, како и пред налетите на руската армија.

Главната улога во битката за Мариупол и за Азовстал ја имаа баталјоните Сомали и Восток на доњецката армија, како и маринците на руската Црноморска флота, плус единиците на 58-та руска армија, каде што голема улога имаа единиците од Чеченија, како и припадниците на приватната воена компанија Вагнер. На почетокот на битката за Мариупол, гарнизонот на украинската армија и на Азов броеше околу 20 000 војници. После затворањето на котелот во градот останаа блокирани околу 14 500 украински војници и припадници на Азов. Во Мариупол до сега се предадоа околу 2 000 украински војници, и со новите 2 500, вкупниот број ќе се искачи на 4 500. Вкупните загуби на Украина само во Мариупол се околу 10 000 убиени војници. Од друга страна, руската и доњецката армија ја започнаа битката за Мариупол со околу 50 000 војници.

Од пристаништето во Мариупол се пружа одлична панорама на мега фабриката Азовстал, една од гордостите на бившиот Советски Сојуз. Со свои очи имав можност да се уверам во тоа. За време на четвртата прес тура на Министерството за одбрана на Руската Федерација бевме во Мариупол, и на градското пристаниште. За време на присуството во Мариупол, видно беше дека скоро секоја минута, по позициите на Азов на Азовстал работи руската авијација, како и руската и доњецката артилерија.

Постојано се слушаа артилериски канонади, и на различни делови од Азовстал паѓаа артилериски и авио бомби, по што се креваше густ црн чад над Азовстал. Мега фабрика која што била градена од целиот Советски Сојуз, и во која што се наоѓаат огромни скривници во случај на атомска војна, еден вид на мини град под земја, што овозможува функционирање во одреден временски период. Азовстал, гордоста на Советскиот Сојуз, повеќе од 40 дена служеше како упориште на припадниците на нацистичкиот баталјон Азов, кои што со сите сили се борат против советското минато во Украина. Да биде иронијата поголема, припадниците на Азов, кои што се сметаат за аријци, и кои што се борат против се што е советско наследство во Украина, повеќе од 40 дена се криеја во скривниците на мега фабриката изградена од Советскиот Сојуз.

Припадниците на Азов, како и нивните подржувачи ширум Украина го обвинуваат украинскиот Генералштаб дека ги предал и дека ги оставил на цедило. Според нив, уште од самиот почеток на битката за Мариупол, тие се нашле во котел од кој што немало излез. Делови на украинската армија се договориле со руската и доњецката армија и се предале, и на тој начин биле срушени линиите на одбрана во Мариупол. А после договорот за евакуација на мирното население од Азовстал, Азов се нашол во тешка положба. Руската армија ја вклучи стратешката авијација во бомбардирањето, и на позициите на Азов на Азовстал паѓаа бомби со огромна разорна моќ од 1 500, 3 000 и од 5 000 кг.

И покрај сите храбри изјави, и покрај сите пораки за помош и за евакуација упатени до сите светски лидери, почнувајќи од Бајден, Си, Макрон, Шолц, Ердоган, римскиот Папа, па и до Илон Маск, кои што не вродија со плод, сфаќајки ја својата тешка положба која што е без излез, помеѓу борба и смрт, припадниците на Азов и украинската армија одлучија да се предадат. Најголем дел од припадниците на Азов ги чека воен суд и судење во Донбас и во Русија, и долгогодишни затворски казни, за сите воени злосторства кои што Азов ги изврши врз цивилното население на Донбас во последните 8 години.

Воената победа ќе има голем импакт врз натамошниот воен тек на војната во Украина, како и на политички план во Украина. Многумина во Украина веќе бараат оставки од политичкиот и воениот врв на Украина за воениот пораз во Мариупол. Воената победа во Мариупол е најголемата победа за армијата на Руската Федерација во XXI век. Истата е и најголема воена победа за доњецката армија, која што постои од 2014 година. Победа на руските војници и на руското оружје. Sic transit gloria mundi.