АктуелноИнтернационалноЛокално

Ванчо Михајлов умирал и тврдел дека македонска нација не постои

По повод доаѓањето на премиерот на Бугарија Кирил Петков во Битола и отворањето на Културниот центар „Ванчо Михајлов“, реобјавуваме текст од весникот „Нова Македонија“ и автор Виктор Цветаноски.

Нема никакви дилеми дека Мара Бунева била човек на Ванчо Михалов и дека атентатот врз Владимир Прелиќ го извршила со негово знаење. Таа се подготвувала во Софија, била блиска со луѓето од неговата организација, а нејзиниот брат бил негов воен инструктор. Тоа ќе го признае и Михајлов во белешките што ги водел. Кога неговите соработници во Скопје го предупредувале дека таа другарува со повеќе српски семејства и дека можеби е српски шпион, тој ќе им испрати порака дека целосно и’ верува и е сигурен во неа, зашто таа, како што вели, била негова ученичка и верна соработничка. Притоа, Михајлов посебно ќе нагласи дека од неа примал најконспиративни извештаи за состојбите во Македонија, а тоа што било најдоверливо Мара Бунева му го испраќала во шифри, извезени на платно. Благодарен за атентатот што го извршила, барал секој 13 јануари, на местото од каде што пукала во Прелиќ, младите да оставаат свежо цвеќе. Кога на 14 јануари 1942 година била оргнизирана голема панихида на бугарската окупаторска власт во Македонија, Михајлов од главниот град на тогашна НДК, каде што цели три години бил гостин на поглаварот Анте Павелиќ, ќе порача специјален венец.

Ванчо Михајлов е негативна личност од македонското револуционерно минато, човек кој зад себе оставил многу крвави траги. По негова наредба се извршени многу злосторства, убиени се многумина македонски дејци. Тој бил немилосрден спрема левите револуционерни сили, но и спрема своите кога се работело за превласт во организацијата. Се борел за бугарската, а не за македонската кауза и не признавал македонска нација. Умре во 1990 година како голем Бугарин, а за своите национални чувства остави и тестамент непосредно пред смртта. „Македонската нација и македонскиот јазик не постојат. Тие се измислици на српските фантасти“, ќе напише во писмото што ќе го испрати „до сите браќа и сестри во Пиринска Македонија“.

Михајлов иднината на Македонија ја гледа во рамките на Бугарија. „Современото настојување, што особено е важно и единствено исправно, е следново: Бугарија да се прошири и во јужните и во западните македонски области, кои претежно се населени со Бугари, а чии граници беа омеѓени уште пред сто години. Во интервалот што го дели тој миг од сегашниот, макар привремено, може да се примени следниов преоден компромис: Обединета Македонија во рамките на Бугарија, и тоа во своите географски граници што треба да ги определи само автохтоното население…“, ќе напише Иван Михајлов и притоа посебно ќе нагласи дека „денешната таканаречена Република Македонија опфаќа во себе низа беззаконија и фалсификати“.

Тие исти ставови ќе ги изнесе и во еден разговор што ќе го води, исто така, непосредно пред смртта со Димитар Гоцев од Македонскиот институт во Софија и Пандо Младенов, брат на Ѓорѓи Младенов, познат на македонската јавност по скандалот за време на формирањето на здружението „Радко“ во Скопје пред пет година. Тој ќе дојде специјално од Канада за да присуствува на основачкото собрание и притоа пред новинарите ќе ја негира македонската нација. Во мошне долгото интервју објавено во весникот „Македонска трибуна„ на пробугарската МПО, Михајлов ќе се исповеда за многу прашања и, како што велат неговите соговорници, за „судбината на бугарската нација“.

Младенов и Гоцев во разговорот бараат од Михајлов да им објасни зошто постоеле разлики во концепциите за независна Македонија и автономна Македонија. А тој на тоа ќе им одговори: „Цела Македонија, јас така сум ја сфаќал. Ако треба да е цела, треба да биде цела. Второ, не од лично,ами од становиште како Бугарин мислам дека подобро ќе биде и оној дел кој е во Бугарија да влезе во таква Македонија. Оти тој ќе биде најбугарскиот дел, со најсвежа бугарштина. Има Бугари и во Штип, и во Велес, и во Скопје, но таму има и фанатизирани противници, анти-Бугари. Така што Бугарите од Пиринско доста ќе им влијаат и тоа позитивно. Така што она што минувало таму од Бугарија со десетлетија, се оформило како здрав Бугарин. Сакам да кажам дека и сега е од голема полза ако можеш нешто да сториш за да ја спасиш бугарштината и името Бугарин…“, ќе изјави Михајлов

На прашањето што е тоа што повлијаело на големиот собир на ВМРО во Горна Џумаја во 1933 година да запише во протоколот дека од денес натаму ВМРО ќе се бори за независна Македонија, што наложило таква промена во тактиката на ВМРО, Михалов ќе одговори: „Што наложи? Народот. Народот го наложи тоа. Самиот народ тоа го извикуваше. ’Автономна Македонија‘, а се’ за Бугарија мечтаеме. ’Автономна Македонија‘, а се’ за Бугарија. Тоа е бугарска работа. Нешто многу вистинито. И за да победат тие работи, го примивме тој лозунг“, ќе рече тој за подоцна да дообјасни: „Непросветениот народ, кој не се задлабочил во целите на автономна и независна Македонија, може да брбори што сака. Но, главната цел и на едната и на другата формула е да се зачува бугарштината. И да потцртам. Македонското дело и сите негови лидери прво сакале да се обединиме со Бугарија; при неможност да се обединиме, сме барале други патишта“.

На инсистирањето на неговите соговорници да објасни зошто лозунгот за независна Македонија во текот на 1941 година исчезнал, Михајлов ќе рече: „Ами слушај, нашиот народ отсекогаш бил за обединување со Бугарија. Но, и покрај тоа, сме немале доволно волја и храброст да говориме за тоа отворено, за да и’ се затвори устата на Романија, која отсекогаш била против голема Бугарија или некоја слична на неа; да им ги затнеме устите на Србија или Грција, на Албанија и на нивните пријатели кои им стојат зад грб, па сме го кренале лозунгот за автономна или независна Македонија“.

Ванчо Михалов е роден во 1896 година во штипско Ново Село, од каде што потекнува и Тодор Александров. Клучна улога во ВМРО автономистичка ќе има по убиството на Александорв во 1924 година, а сета власт ќе ја земе во свои раце во 1928 година откако во борбата за превласт ќе нареди да биде ликвидиран Александар Протуѓеров, со кого имале исти функции во организацијата. Потоа, меѓу неговите и приврзаниците на Протуѓеров ќе дојде до меѓусебно истребување во кое подебелиот крај ќе го извлечат „протуѓеровистите“.

Михајлов ќе воведе стравовладение во организацијата и ќе ја претвори во терористичка. Но, затоа тој, пак, никогаш нема да облече комитска облека, нема да земе пушка в рака и нема да влезе со чета во вардарскиот дел на Македонија, како што тоа го правеле неговите претходници. Сите наредби за ликвидации ќе ги дава од канцеларија. Во Принска Македонија ќе формира држава во држава, ќе воведе свои закони и невидена експлоатација и тортура врз населението од тој крај. Сето тоа ќе го прави со благослов на бугарска власт и, пред се’, со поддршка на тогашниот премиер Андреј Љапчев, инаку по потекло од Ресен.

Меѓутоа, со превратот во Бугарија во 1934 година неговата ВМРО ќе биде забранета, а тој жива глава ќе спаси пребегнувајќи во Турција, а оттаму ќе замине во Полска. „За време на Втората светска војна поминав 18 месеци во Варшава, потоа 13 месеци во Будимпешта, а кога се појави хрватска држава со Павелиќ, пријателите ме повикаа да го посетам Загреб. Таму останав навистина три години, зашто не сакав да се враќам во Бугарија, од каде што ме канеа многу видни луѓе. Ним им оставаше силен впечаток што јас не сакав да се враќам ниту во ослободена Македонија, а не се враќав поради тоа што не бев согласен со решението за македонското прашање…Бев уверен дека војната очигледно е изгубена и дека мене и на мојата организација ќе ни претстои нова борба, па не е корисно да се натпреварувам со надворешната политика на Бугарија…“, ќе запише Михајлов во своите белешки кои ги објави Верољуб Андоновски во книгата „Сто години сегашност“, што ја издаде „Култура“ пред три години.

Како што наведува самиот, кај својот пријател Анте Павелиќ ќе остане цели три години, сместен во вила на Тушканац, а во Македонија за време на окупацијата ќе дојде само еднаш на кратко, во септември 1944 година. Според неговите тврдења, по капитулацијата на Бугарија, Германците од него побарале да објави независна држава Македонија. „За да не помислат дека откажувам и за да ми веруваат на моите зборови, заминав дури во Скопје. Но, оттаму им јавив дека е мошне доцна за еден таков проект…“, ќе запише Михајлов, свесен дека нема никаква поддршка меѓу македонскиот народ за да создаде држава каква што ја замислувал.

По завршувањето на војната, Михајлов од Загреб ќе се пресели во Рим и се до смртта ќе живее таму, од каде што ќе формира своја мрежа на информатори и ќе работи против Република Македонија. Неговиот престој, главно, ќе биде финансиран од Македонската патриотска организација, со која за време на владата на Љупчо Георгиевски ќе бидат остварени блиски контакти. Таа ќе биде претставена како македонска, а не бугарска организација, иако во нејзините простории во САД висат слики на бугарски претседатели и имаат постојани контакти со официјална Софија.

Ванчо Михајлов живееше точно 94 години, почина во 1990 година. На погребот во Рим присуствувал Ангел Димитров, првиот бугарски амбасадор во Македонија, испратен како специјален претставник на бугарската држава од тогашниот претседател Жељу Желев, потоа Христо Матов, од софиската ВМРО, претставници од пробугарското друштво од Брисел, како и на МПО од САД и Канада, кои ги платиле трошоците околу погребната церемонија. Според неговата секретарка Вида Боева, Михајлов сакал да биде закопан во Пиринска Македонија, крај Тодор Александров заедно со сопругата Менча Карничу. Подоцна во Софија имаше неколку барања од неговиот брат во Ќустендил посмртните останки да бидат пренесени во Бугарија, но сето тоа остана само иницијатива. Но, затоа пак на Михајлов му е подигната спомен-биста во Борисовата градина во Софија, каде што се наоѓаат бистите на сите великан од бугарското минато. Неодамна беше предложено еден од големите булевари на главниот град на државата да го носи неговото име.