Левица ќе поднесе Декларација против глорификацијата и рехабилитацијата на фашизмот промовирани од ДУИ и СДСМ

  • Соопштение на Политичката партија Левица.

Преку нелегитимно и нелегално прифаќање на штетни и анти-македонски билатерални договори, учествување во империјалистички воени сојузи и особено преку рехабилитација на истакнати фашистички колаборационисти од минатото, промоцијата на фашистичка идеологија во Македонија секој ден е се поприсутна.

Уште од времето на Втората светска војна како никогаш досега, ВЛАДАТА НА ДУИ И СДСМ ОФИЦИЈАЛНО ПРОМОВИРА ГЛОРИФИКАЦИЈА и РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ПРО-ФАШИСТИЧКИ СОРАБОТНИЦИ КОИ ГИ НЕГИРААТ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ЈАЗИК И ДРЖАВА!

Отворањето на „Клубот – Ванчо Михајлов“ во Битола, на кој ќе присуствуваат високи делегации од Македонија и Бугарија, јасно ја покажува стратешката тенденција и политичката определба на оваа анти-народна власт. Имено, владиното кумувањето на „културен центар“, кој ќе го носи името на еден од најкрвните врховисти, не е ништо друго, освен директна негација на Национално-ослободителната борба на македонскиот народ и нејзините придобивки, преку кои се афирмираше неговата држава како дел од победничката анти-фашистичка коалиција.

Со директното учество и поттикнување на историскиот ревизионизам насочен кон де-македонизација, како и имплементацијата на анти-македонски политики преку целиот мандат на власт; особено со поткопувањето на АСНОМ-ските темели на државата, СДСМ се претвори во про-фашистичка политичка групација, која сама по себе е навреда за македонското национално достоинство, а пак кога оваа партија е на власт, таа станува сериозна закана и за самиот македонски народ.

Денеска, Владата на Македонија предводена од СДСМ, со учество на свеченото отварањето на културен центар, кој, среде македонскиот град Битола, ќе го носи името на анти-херојот од Втората светска војна, фашистот Ванчо Михајлов, уште еднаш покажува дека, како последица од преговорите со Бугарија, со нов капитулантски билатерален договор, има намера да ги прифати и спроведе сите анти-македонски, негаторски, експанзионистички и шовинистички барања и политики на Софија.

Ваквиот владин чин на провокација и понижување на македонскиот народ заслужува осуда од сите релевантни групи и поединци од јавниот домен на општественото живеење во Македонија.

Истакнуваќи дека денеска нео-фашизмот во нашата држава е современ феномен, кој се етаблира со силни негаторски, понижувачки и крајно анти-македонски елементи, најавуваме дека ЛЕВИЦА, во Собранието на Република Македонија, ќе поднесе ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОСУДА И БОРБА ПРОТИВ БИЛО КАКВА ФОРМА НА ГЛОРИФИКАЦИЈА, РЕХАБИЛИТАЦИЈА И ПРОМОЦИЈА НА ФАШИЗМОТ, во која особено внимание ќе биде обрнето на борбата против историскиот ревизионизам и рехабилитацијата на неговите соработници, било тоа да се соработници со бугарската фашистичка власт или пак од про-фашистичкото движење на балистите.