Апасиев: Секој нов ден со оваа Влада претставува катастрофа
Во интервјуто на Инстаграм поткастот на др. Горан Трајковски, Димитар Апасиев зборуваше за актуелната политичка состојба во државата, борбата на Левица со политичките противници како и за односот на партијата кон етничките заедници. Во прилог ви пренесуваме дел од интервјуто.
– Коментар за владеењето на Груевки и Заев?
„Во Република Македонија од 2006-та година се до ден денес владее хибриден режим, каде имаме доминација на бизнис интереси, приватен интерес наместо јавен. Погледнете го само бизнисот со малите хидроцентрали, а посебно банкарскиот сектор каде имаме финансирање на ДПМНЕ И СДСМ од страна на олигарсите во Република Македонија. Токму затоа, овие две политички партии се контролирани од страна на големите „играчи’’ во Македонија, за разлика од нив позади Левица стои обичниот народ и од таму доаѓа нивниот страв, бидејќи нема кој да не контролира, а политиките кои ги водиме служат само за народот.
Неправедното општество во Македонија е многу застапено, а тоа допринесува за иселување на младите луѓе од Република Македонија. Ние сме сведоци каде имаме наместени конкурси за вработување, каде наместо да се одбере личноста која највеќе одговара за отворената позиција, кај нас вработуваат луѓе кои не го заслужуваат местото. Токму ова доведува до иселување на младиот кадар од Македонија.“
– Колку пратеници се доволни за Левица да ја направи промената во општеството? (во споредба со ДУИ)
„Левица со околу десетина пратеника би можела да направи значителни промени во општеството. Со моменталниот изборен модел кој е фаворизиран од страна на големите партии кој очигледно им одговара имаме 2 пратеника, а пак ако имавме изборен модел со една изборна единица за која се залагаме сега ќе имавме вкупно 5 пратеника во собрание. Големите партии го избегнуваат ова прашање бидејќи тие го користат и моментот на предизборни коалиции каде се спојуваат повеќе од дваесеттина партии пред изборен циклус.
Левица е против овие предизборни коалиции бидејќи сметаме дека на избори е потребно да се излезе сам, а коалиции да се прават по изборите. Без разлика дали изборниот модул ќе биде променет или не, на следните парламентарни избори очекуваме да стигнеме до двоцифрена бројка на пратеници во собрание. Бројката на гласови која целиме на следните избори е 100.000 гласови низ цела Република.“
– Од каде очекувате да стигнете со бројката од 100.000 гласови, дали тоа се разочарани граѓани или пак од неопределените?
„Ние не целиме кон една група на граѓани, очекуваме гласови од сите граѓани. Феноменот на Левица е тоа што ги извадивме младите на гласање, што досега беа запоставени од страна на партиите. Поголемиот број на гласачко тело моментално доаѓа од неопределени гласачи, но сме имале и понуди каде по цели ограноци од други политични партии сакаат да се придружат кон Левица, при што се одбиени од наша страна, бидејќи знаеме дека тие за возврат очекуваат одредени привилегии. Левица успеа да собере паметни луѓе кои се носат со големите партии и не потклекнуваат кон нивните провокации.“
– Дали се залагате за предвремени избори и кои се вашите очекувања доколку има предвремени избори?
„Моменталната Влада е нелегитимна, по киднапирањето на еден пратеник, статистички гледано, тројца носители на СДСМ од вкупно 6 се одметнати, Шакеринска, Димитров и Касами, тие беа носители на изборите. Секој нов ден со оваа Влада претставува катастрофа и токму поради тоа ние како опозиција притискаме за предвремени парламентарни избори.
Моето лично мислење за предвремени избори најрано би било Октомври 2022 година. Македонскиот народ моментално е пасивен и тој не би искочил на улица за да бара предвремени избори, но со зголемувањето на економската криза во државата и со поскапувањето на електричната енергија и греењето атмосферата ќе се наелектризира и народот ќе бара промена.“
-Како очекувате да ги придобиете Албанските гласачи?
„Левица е анти-ДУИ, а не анти-албанска. Ние имавме и основачи Албанци во Левица и тоа треба да го разграничиме комплетно. Левица своите темели ги гради врз АСНОМ. Историски гледано ние сме имале многу заеднички работи со Албанскиот народ, ние сме кревале востанија против Османската империја (Дебарско, Охридско и др.). Имаме и пример за време на Втората Светска војна каде што Албанско население од Велес се приклучува на партизаните во борбата против Балистите и Бугарите.“