Пиарманија
Додека новата влада на СДСМ и ДУИ заглибува во сè поголеми проблеми, не успевајќи да ги испорача ветените структурни интервенции во социјалната и економската сфера на државниот апарат и да одговори на ургентните предизвици, премиерот на нашава република ги обиколи безмалку сите регионални престолнини, самити и средби кои имаат висока медиумска покриеност.
Армијата PR регрути (пандан на расадникот „Паркови и зеленило“ од едно неодамнешно доба?) не пропушта да разгласи низ домашните фанфари за секој нов вербален излив на добродушност на премиерот. Со сите напори се гради сликата за водачот З.З. како добар дипломат, најверен пријател на народот, сестран тип и, со тоа, недвосмислено му се предава месијански предзнак на државниот лидер, статус што Груевски систематски го градеше и користеше за да ја замаскира јаловоста и погубноста на политиките на Владата под негово раководство.
Обраќањата на премиерот Заев преку националниот медиумски сервис, во кои се расфрла со декларативни заложби за борба против корупцијата, пак, неизбежно потсетуваат на манипулативниот популистички манир на Груевски. Сè е толку слично: реториката, татковската поза на премиерот во неговиот кабинет, повикот кон обединување зад личноста на Гарантот, фокусот кон симптомите наместо кон срцевината на проблемите итн.
Сепак, и понатаму Минисерството за здравство останува без носител на главната одговорност, и понатаму на рудникот во Казандол не му бега отворање, и понатаму еден дожд успева да ги престори нашите населби и градови во мали Венеции, и понатаму нема сериозен одговор на капиталните пропусти на функционери на новата Влада, и понатаму нема процеси и пресуди за најголемите криминални зафати во поновата историја на земјата, и понатаму сме светски рекордери во загаденоста на воздухот. Маглата што ја создава габаритната PR структура, толку густа што може да се пресече со нож, не успева да го сокрие грдото лице на македонската политичка стварност. Во воздухот мачно виси прашањето: дали го сведочиме прологот на уште една епизода од хорор трилерот, која може да потрае нови 11 години?!