АктуелноЛокално

Левица: Куштрим Рамадани и Васко Ковачески мора да понесат одговорност за енергетската криза

Уште минатата година, Левица предупредуваше дека со ваква лоша кадровска политика во енегетските компании и немање реална и спроведлива енергетска стратегија, државата ќе се доведе до колапс, што деновиве и се случи.

Недомаќинското трошење на водните ресурси, како и лошото менаџирање со ископите на јаглен, нѐ доведе до ситуација државата да се задолжува со речиси два милиони (!) евра дневно за електрична енергија, која воедно БЕСПРАВНО се презема од системите на соседните земји, како што објави самиот директор на МЕПСО, поставен од ДУИ – Куштрим Рамадани.

Поради ваквата ситуација на бесправно преземање електрична енергија, дозволивме да бидеме дисциплинирани од страна на Европската мрежа на систем оператори, како држава која го нарушува европскиот систем за пренос на електрична енергија.

Левица повторно акцентира дека за ваквата состојба во која се најде Република Македонија, виновниците имаат име и презиме и Владата не може да се амнестира, повикувајќи се на “лошата” хидролошка година, бидејќи хидроакумулациите не се испразнија со испарување на водата – туку со нестручно, несовесно и лукративно менаџирање на раководниот кадар поставен токму од Владата!

Јавно прашуваме:

Зошто Електрани на Македонија (ЕСМ) и директорот Васко Ковачевски не можат да произведат доволно струја за да ги задоволат потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме?

Зошто АД МЕПСО не ги набавил кусоците на електрична енергија во системот, за кој и по закон е задолжен?

Зошто АД МЕПСО не ја активирал ТЕЦ Неготино која е резерва за вакви случаеви на криза, а според законот е под негова надлежност и за тоа има финансиски издатоци спрема ТЕЦ Неготино како ладна резерва?

Од каде ќе се обезбедат овие два милиони евра кои дневно се трошат со бесправно преземање на електрична енергија?

Не дали, туку колку Владата ќе ја зголеми цената на електричната енергија за граѓаните, поради сопствената лоша кадровска политика во енергетските компании?

Дали Владата ќе ги послуша советите на нејзините “експерти” за електрична енергија, од типот на Кочо Анѓушев, па овие пари да се платат од буџетот на државата преку повторно задолжување, за само привремено да се постигне привиден социјален мир и заташкување на енергетската катастрофа, со што проблемот би го наследила следната Влада?

Дали е точно дека оваа енергетска криза, предизвикана исклучиво од лошо менаџирање на енергетските компании под контрола на Владата, Македонија ќе ја чини минимум двеста милиони евра до крајот на грејната сезона?

Левица потсетува дека многу брзо ќе дојде времето кога секој ќе одговара за сопствените постапки и нема да може да се сокриваат под плаштот на колективна одговорност, како што ни се случува денеска. Владата во пад е должна да ги преземе сите мерки за справување со ситуацијата во која е доведена државата, токму од нејзините кадри, за да се спречи катастрофата која ни престои во текот на зимските месеци.