АктуелноЛокално

Кој е Реџеп Исмаил – Носител на советничката листа во Скопје од Левица

Накратко би се опишал како долгогодишен активист за економска и социјална правда. Член на ДСП – Ленка, основач и член на президиумот на Левица, дел од уредничкиот тим на Антропол. Дипломиран и магистриран политиколог по применета политика на Правниот факултет во Скопје, со фокус на трудова политика. Долгогодишен работник во приватен сектор, тековно вработен во ИТ секторот, преведувач и толкувач од турски на македонски јазик и обратно. Страствен љубител на фудбал, планински врвови и есктремни височини.


Кратка биографија (образование, професија и работно искуство)

Роден сум во Скопје во 1988 година. Формалното образование ми започна во едно од најстарите училишта на Скопје – ОУ „Тефејуз“ (Tefeyyüz), со настава на турски јазик. Средното образование го завршив во гимназијата “Јосип Броз Тито” во Скопје. Со високото образование, исто така, продолжив во Скопје, на Правен факултет – Скопје при УКИМ, каде дипломирав на одделот за Политички науки. На истиот факултет продолжив и со магистерските студии – на отсекот за Применета политика, каде што магистрирав со фокус на социјалната (трудова) политика.

Во поглед на работното искуство, како типичен член на работничка фамилија кој растел и се оформил во транзицијата, имам работено најразлични работи, од келнер по кафулиња низ скопската чаршија, па сѐ до обичен наемен работник на градилиште или во складилиште. Сето тоа, како што обично е случај во Македонија, евидентирано е единствено во „сивите“ тетратки на економијата. Освен ваквите неформални работни искуства, искусив и како е да се работи во странство, односно во Германија и САД, каде престојував преку студентските програми, кои исто така се типични за студентите од семејства на работничката класа. Решив да не останам во туѓина како многу мои другари и врсници кои никогаш не се вратија. Одлучив дека сакам да живеам меѓу луѓето кои отсекогаш ги познавам и ми се блиски на срце.

Во однос на моите поформални работни искуства: две години работев како наставник во Основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“, потоа продолжив со ангажман како туристички работник, односно тур- оператор за управување и продажба на туристички услуги ширум Балканот. По безмалку шест години работен ангажман во туризмот, решив да го искористам моето неформално знаење и искуство со информациските технологии и се вработив во ИТ секторот, во приватна компанија. На овој начин мојата професионална кариера се пренасочи во насока која е поразлична од моето формално образование, што всушност е случај и за многумина од мојата генерација, а поради незавидните услови на пазарот на трудот.

Во слободно време, кое сѐ помалку ми е на располагање, играм фудбал, спорт со кој порано сум се занимавал и посериозно, а исто така и редовно планинарам. Сепак, во последно време, можеби поради мојата билингвалност од мали нозе, најголема пасија ми е препев и превод на литературни творби од турски јазик на македонски и обратно.

Мотивација за вклучување во политика

Мојата наголема мотивација за вклучување во политиката е пред сѐ мојата класна состојба и животното искуство стекнато преку патешествијата на класата на која економски ѝ припаѓам. Освестувањето за важноста и неопходноста од промени во класното прашање, неминовно ме поттикна да се организирам во партија која ќе ги застапува интересите токму на економската класа на која ѝ припаѓа и најголем дел од македонското население, а тоа е работничката класа. Со нашиот ангажман во тек на изминативе години успеавме да создадеме политичка организација за работничката класа во Македонија, олицетворена во Левица. Оттука, секогаш мотив плус за политичка акција е секојдневното сведочење и живеење на апсурдните и трагични последици на здивениот капитализам, како и чувството на постојан немир од фактот дека огромен човечки потенцијал е во заложништво на една мала група на крупни капиталисти кои за профит покажаа низ годиниве дека се спремни буквално на сѐ.

Верувам дека поинаква политичка состојба и поинакво заедничко живеење е возможно, а единствениот пат до нив е организиран народ кој е свесен за тоа. Мојот политички ангажман е со цел да придонесам кон тоа освестување на народот за сопствениот потенцијал, како и за себепрепознавање во политичката организација на својата класа.

Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?

Сакам да постигнеме заеднички живот кој е воден од политика чија цел е решавање на секојдневните проблеми на луѓето, олеснување на нивниот живот и остварување на нивните лични цели, како и ослободување на потенцијалот за заеднички живот во целост. Нашата цел, како Левица, е да ја ослободиме локалната власт од заложништвото во кое се наоѓа, со што на градот ќе му го ослободиме просторот кој му е потребен да се развива.

Ова, од една тесна (сегашна) перспектива, можеби изгледа невозможно, но да се потсетиме дека градот пред само 30тина годни бил многу поинаков, бил простор кој служел на сиот народ, а не само на градежните фирми и транзициската олигархија. Бројни фотографии сведочат за Скопје со огромни зелени површини и паркови, за град со чиста река, град со чист и уреден кеј и плажи покрај Вардар, за град во кој возење велосипед било култура на живеење, град кој водел сметка за удобноста на жителите во него, град во кој луѓето верувале и се гордееле со него. Денес, сето ова е УНИШТЕНО!

Фундаментална причина за моменталната катастрофална состојба на нашиот град е идеолошка. Имено, со градот владеат власти чии интереси се монопол во одредување на политиката на градот – интересите на оние кои имаат многу пари. Последиците од ваквиот идеен монопол на профитери се трагични. Сепак, поради долгото време на практикување на овие штетни политики, истите почнаа да се прифаќаат како нормални, дури и на некој начин како природни, како да не може поинаку и подобро, како сето тоа да е дело на некаква виша метафизичка сила, а не на конкретни дејства и одлуки на луѓе од крв и месо, со име и презиме.

Затоа, некој мора јасно и гласно да каже – НЕ, ОВА НЕ Е НОРМАЛНО! МОЖЕМЕ И МОРАМЕ ПОИНАКУ!

Оттука, она што пред сѐ сакам и ќе се заложам да се промени е народната перцепција за силите кои владеат со градот, односно разобличување и запирање на нивните политики кои ги имаат во обзир само нините лични интереси, додека штетата од таквите одлуки ја трпат и многу генерации после нив!

Дури откако ќе се запре нивното штетно работење и откако ќе ги замениме со нови, чесни и непоткуливи луѓе, само тогаш ќе можеме да почнеме да го градиме градот и државата, преку здрави политики според потребите на народот.

Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?

Дојдени сме до состојба каде слободно може да констатираме дека помеѓу сегашниот економско-политички естаблишмент и народот, договор за владеење не постои, таквиот општествен договор одамна е раскинат! Државата е претворена во реликвија, шуплива кутија во која се вгнездени банди со најниски страсти. Барање праведност и мир во вакви услови е како да барате бандите вгнездени во шупливите ќибритчиња да си го запалат сопствениот дом. Тие заборавија пред кого сносат одговорност и од каде извира нивниот легитимитет!

Јас сум основач и дел од иницијативниот круг за основање на Левица, бидејќи сметам дека само партија со јасна, цврста и далекусежна идеологија, каква што е Левица, може да се спротивстави на нео-колонијалниот менталитет и да издржи пред притисоците на крупниот капитал. Левица е единствената партија која во овие 30 години е производ на комбинацијата од идеолошки свесни долгогодишни социјални активисти и револтирани чесни и вредни луѓе, кои конечно увидоа дека медиокритетот ги загрозува, не само самите нив овде и сега, туку и иднината на новите генерации.

Мојата порака до народот

Другари, борбата за скротување на моменталното урбанистичко лудило и еколошкиот геноцид, кои му се случуваат на нашиот град, не завршува само со гласање на денот на изборите! Советниците од редовите на Левица во општинските собранија ќе бидат исто она што досега нејзините двајца пратеници беа во републичкото собрание на Македонија – совест, очи и глас на јавниот интерес.

Ние бескомпромисно ќе им се спротивставиме и јавно ќе ги обелоденуваме коруптивните намери на властите, кои при креирање и спроведување на политиките за градот, единствено се грижат за задоволување на бизнис интересите на едно тесно друштво на богати луѓе за сметка на општиот јавен интерес.

Погрешното не станува правилно; лошото не станува добро; ненормалното не станува нормално само затоа што е прифатено од многумина!

Дојдено е времето за промена!

Да им влеземе во советите и да ги вратиме градовите и селата на нивните вистински сопственици – народот!