Талибанците создадоа армија од војниците кои САД ги остави на улица

Фејсбук статус на Дарко Тодоровски

Нефункционални армии по американски стандарди „Бој не бије свијетло оружје, већ бој бије срце у јунака” САД имаат проблеми со создавањето на функционални армии и безбедносни системи во државите и регионите каде што спроведуваат воени операции. Најдобри примери за тоа се Јужен Виетнам, Ирак, Авганистан, Саудиска Арабија, Сомалија, како и редица држави во Африка.

Гледам и читам како на многумина “експерти“ во Македонија а и пошироко им е чудно како Авганистанската армија и безбедносниот сектор и покрај огромната воена помош, обука, оружје од страна на САД и НАТО се распаднаа како кула од карти, и како Талибан за 5 дена успеа да ја превземе власта во Авганистан. За разлика од авганистанската армија, Талибан создаде хомогена армија на религиска основа, со цврста војничка дисциплина, мотивација и хиерархија. А Пакистан им помогаше со логистика, разузнавачки податоци, кампови за обука, вооружување и резервни делови, гориво, лекови, и со се што е потребно.

После 2003 година САД за време на окупацијата на Ирак, САД во создавањето на нова ирачка армија и безбедносен сектор вложија далеку поголема сума на пари отколку во Авганистан. Ирачката армија беше подобро опремена и вооружена од авганистанската, со тешко вооружување (американски тенкови Абрамс), транспортери М-113, артилериски системи од различен калибар, различни видови на хеликоптери и борбени авиони Ф-16, и друга разна опрема.

Но за време на подемот на ИСИС во Ирак во 2014 година, сунитскиот триаголник (Мосул, Тиркит, Фалуџа, Самара, Балад, Рамада и други градови и населени места) без борба паднаа во рацете на ИСИС. На пример Мосул каде што имаше повеќе од 30 000 ирачки војници, град од 2 милиони луѓе во 2014 година, беше завземен (предаден во рацете на ИСИС) од 2 000 борци на ИСИС. Ирачката армија тогаш во сунитскиот триаголник, составена претежно од сунитски офицери и војници, заедно со целото оружје и опрема премина на страната на ИСИС. Багдад тогаш беше под опасност да падне во рацете на ИСИС. Само брзата реакција на Иран (КСИР и Касем Сулејмани) и на шиитските милиции во Ирак (150 000 вооружени борци) успеа да го спречи налетот на ИСИС на Багдад.

Главната причина за неуспехот во Авганистан и Ирак, е тоа што САД веднаш по завземањето и окупацијата и на Авганистан и на Ирак, пристапи кон отпуштање и рушење на целиот армиски и безбедносен сектор. Наместо да ги задржи и да ги искористи, САД ги фрли на буништео. Најголемиот дел од воените луѓе тогаш се најдоа на улица, непотребни на новите власти, а тие освен војна и воени вештини не знаеја друго да работат. Талибан, како и разните терористички групи во регионот, Ал Каеда, ИСИС и други, ги привлекоа тие луѓе во своите редови, и создадоа реална воена сила, која што им се спротистави и на САД и на НАТО, но и на армиите на Ирак и Авганистан.

Затоа денес во Авганистан и во Ирак се случи тоа што се случи, а САД се повлекуваат од регионот. Останува да видиме кој и како ќе го пополни безбедносниот вакум.