Став на Свеќаровска за учителството

Статус на Жаклина Свеќаровска, член на Централен Комитет на Левица и Координатор на Сектор Образование


Жаклина Свеќаровска

„Учител, учителка. Во новово време во кое се знае цената на сè, но не се знае вредноста на ништо, во кое се (страво)почитува единствено моќта на парите, а сè друго брутално се фрла и се гази под нозе оти толкави фрустрации мора да се испразнат некаде, името на оваа професија неретко се спомнува со потсмев. И тоа најчесто од страна на такви кои се школувале да станат учители, наставници, ама егоизмот не им дозволил. Што значи да си УЧИТЕЛ?
Тоа значи дека место да градиш мостови за себе, си избрал цел живот да бидеш дел од жив мост кој од рака в рака ги понесува генерациите од еден на друг брег за кога ќе пораснат да имаат можност на свои нозе да зачекорат по врвицата на избраната професија.

Учителите/наставниците немаат можност да градат кариера. Тие цел живот го согоруваат својот оган за да запалат огнови во што поголем број ученици, па на таков начин да си го осветлиме патот.
Учителите ли се виновни што за оние за кои тие процениле дека не ги бидува за наука, моќните родители решиле дека ги бидува, па им овозможија приватни факултети во кои може да се купи диплома?
Дали се виновни учителите што оние за кои процениле дека ги бидува само за да тупаат на тарабука, оти ниту се умни, ниту ракотворни, ги ставате на чело во партиите, а оттаму во врвот на општеството?
Учителите ли се виновни што место способни, се избираат подобни?
Дали се учителите виновни што училиштата се претворија во центри за згрижување партиски полтрони?

Учителите никогаш не биле којзнае колку добро платени. Но, беа почитувани. Зар не сфаќате дека оваа кола се скрши и тргна надолу токму тогаш кога дозволивте да се деградира, понижи и обезличи оваа професија? Во училиштата уште има посветени луѓе, и покрај сите саботажи на јавното образование. Ним им треба поддршка. Во спротивно, нема да останат раце кои ќе ги преземаат и ќе ги подаваат децата натаму, до врвицата по која ќе умеат сами да зачекорат, туку само раце кои ќе веат разни знаменца и ќе аплаудираат, а децата или ќе одат по вода, или ќе треба дебело да се задолжите и да платите за да добијат солидно образование.”