Локално

(Видео) Возила постари од половина век нè заштитуваат од пожари

Ако се земе во предвид дека живееме во услови на глобално затоплување, ниска еколошка свест и грижа за природата на екстремно ниско ниво (како од државата така и од голем дел од граѓаните) каде константната дневна температура е повисока од 40 степени целзиусови, појавата на пожари не треба да биде изненадувачка. Навистина е тешко да се каже дека тие можат да бидат целосно спречени, но потребата од превентивни мерки е неопходна. Уште поважно за борба во ваквите несакани битки се државните капацитети кои треба да гарантираат безбедност.

Несомнено, една од најважните работи за ова се човечките ресурси. Знаење, вештини, умеење, физичката спремност како и храброста буквално да се влезе во оган се само дел од работите кои треба да ги поседува еден пожарникар. Неопходна и висока стручна спрема за секој пожарникар, како и константна проверка на неговите физички способности и вештини за ваква акција. За жал, ваквите симулирани акции, тренинзи и подготовки, во општините ширум државата, многу ретко можат да се видат, речиси и ги нема. Но, и да претпоставиме дека сето ова, секоја индивидуа го поседува на највисоко ниво, без соодветна опрема борбата против пожарите е невозможна.

Основна алатка за спротивставување на огнените стихии се возилата со кои располагаат пожарникарите. Без нив никаде не може да се мрдне, ниту пак да се изведе успешна мисија на терен. Оваа неопходна алатка државата им ја нема обезбедно на пожарникарите.

Состојбата во возните паркови на противпожарните претпријатија е во загрижувачка состојба. Согласно истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во Македонија има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост од 28 години. Исто така загрижува фактот дека противпожарните претпријатиа купуваат веќе користени „поволни“ возила.

Возила, со просечна старост од 35 години имаат противпожарните единици во Кратово и Делчево. Додека пак Валандово и Струмица ги имаат најстарите противпожарни возила (ТАМ 5500 и ФАП 13), постари повеќе од половина век, т.с. возила се произведени далечната 1966 година.

Во земјава, со нови возила од ваков тип се стекнале само противпожарните единици во Прилеп (две нови возила од 2019 година) и во Демир Хисар (едно возило од 2017 година). Веќе од поодамна македонските пожарникари имаат заборавено што тоа значи да се добие нова и соодветна опрема.

Бројот на возилата е исто така проблем! Најмалку противпожарни возила во земјава има единицата во Македонски Брод, само две, додека по три возила имаат единиците во Демир Хисар, Берово и Делчево. Техничката подготвеност и исправност на возилата е сосема друг проблем.

Со вакви ресурси и ваков распоред на силите не може да се очекува успешно справување со ваквите ситуации. Не станува збор за немање средства, туку станува збор за погрешно избрани приоритети. Државата можеше да одвои над три милиони евра за канцеларии во НАТО, над двесте милиони евра за вооружување од САД, приближно еден милион долари секоја година за членарина во воената алијанса. Но државата, за нова противпожарна опрема нема.