Со отворање на канцеларија во Карпош Левица го започна првиот ден од кампањата

Политичката партија Левица првиот ден од кампањата за локалните избори го започна со отворање на нова канцеларија во Карпош. На отворањето на канцеларијата присуствуваа членови на Президиумот и Централниот комитет на партијата, дело од кандидатите за градоначалници како и лидерот Димитар Апасиев. Кандидатот за градоначалник на Карпош, Дарко Ристовски, вети честна, фер и коректна борба во текот на изборната кампања.

Свои обраќања до присутните имаа кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Дарко Ристовски и носителот на советничката листа Мартин Димоски. Кратко обраќање имаше и носителот на советничката листа на Град Скопје – Реџеп Исмаил Хактан.

Дарко Ристовски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош од Левица веќе започна и со кампањата преку која ги промовира проектите. Тој најпрво уште првиот ден посочи дека жителите на општината се против платено и зонско паркирање.

„Недостатокот на паркинг простор е директна последица на неконтролираното издавање градeжни маркици и узурпација на слободниот простор со станбени згради. Локалните власти на чело со СДС, беа за воведување на зонско паркирање на територијата на Општина Карпош (Карпош 1 и Карпош 2) Kрајната цел на воведувањето зонско паркирање е прибирање на финансии од граѓаните и вработување на партиски послушници, а не решавање на проблемите со паркирањето. Членови на локалниот огранок на Левица во Карпош, во јануари годинава, спроведоа теренска анкета на територијата на Карпош 1 и Карпош 2, населби во кои се планира воведување на платено паркирање. 67% од испитаниците одговорија дека се против воведување на зонско паркирање на територијата на Општина Карпош, а 23% од испитаниците се изјаснија за воведување на зонско паркирање. При тоа 65% од испитаниците се изјаснија дека се за организирање на референдум на кој ќе може жителите да се изјаснат по ова прашање. Резултатите од оваа анкета се целосно спротивни на оние на кои се повика локалната власт предводена од СДС. Тоа е доказ дека и оваа одлука општинската администрација сака да ја спроведе насилно, спротивно на барањата и потребите на жителите“, напиша Ристовски.