АктуелноЛокално

Успехот на Левица зависи од нас – бидејќи изгинаа како никој пред нив!

Фејсбук статус на Билјана Ванковска, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Се обидувам, ама не можам да ги разберам оние чесни, разумни, образовани и умни луѓе кои и натаму се со очи ширум затворени: тие во Парламентот не го гледаат единствениот зрак надеж, повикуваат на трета опција, овие сите биле исти (заедно со Димитар Апасиев и Борислав Крмов), требало да се најдат компетентни и одговорни луѓе, итн. Не дека немаме такви луѓе, ама голем број од нив (со право) не сакаат во политика. Овде имаме двајца млади луѓе кои засукале ракави и решиле да се борат до крај, до последен здив. Некоректно е да се биде политички коректен и да се покажува страв од давање поддршка зошто „либералите“ и „прогресивците“ ќе ве екскомуницираат… Ако немате попаметен предлог и ако самите не сте подготвени да засукате ракави да ги расчистите урнатините и пепелот во кој е престорена државата, не продавајте либерални мантри!

Жалам, ама време за мантрање немаме, а единствените БОРЦИ со правни и политички средства се токму претставниците на Левица, и среде мраков кој не’ обвива само тие се светлата точка. Можеби им треба време за растење, ширење, организирање, па и зреење – ама сепак тие се единственото нешто што во моментов го имаме како разумно, бескомпромисно, храбро и неизвалкано. И нивниот (не)успех зависи од нашата поддршка – не од нивните капацитети. Бидејќи изгинаа во борба како никој пред нив…

Мижењето пред фактите и ламентирањето врз тажната судбина на овој народ не помага, особено сега… Локалните избори можеби ви се чинат како недоволно значајни, ама треба да ги направиме грас-рут тест за нашата граѓанска свест и совест. Бидејќи радикалноста е во коренот, а коренот е во локалната демократија, во тие мали џепови на слободата кои треба да се освојат со што повеќе советници.