Левица – Штип: Извршителите и полицијата го иселуваат семејството Бањоглави од својот дом
Пред околу шест години, семејството Бањоглави земало заем, а како залог ја оставиле куќата. Тие велат дека делот од парите го вратиле за неколку месеци, но тој пораснал поради каматите, бидејќи го отплаќале на рати. За да не останат без својот дом и сиот имот што го имаат, тие купија неколку дена од извршителот.
Заради оваа позајмица, сиот нивен имот: дом, домашни животни, трло, и земјиште, биле ставани 18 пати на лицитација.
„Јас немам каде да одам, со овие две деца ова ми е единствено место за живеење“ – рече Ристе Бањоглав. Тој додаде дека тие нема да го предадат имотот на извршителите и се надеваат во жалбата подадена во апелациониот суд.
Како поддршка за семејството Бањоглави се огласија од ЛО на Левица – Штип, во својата реакција тие напишаа:
„Поради тешка економско-материјална состојба, семејството Бањоглави од Долни Балван од Штип, земало долг од 10 000 евра, кои подоцна го вратиле двојно, но, заради враќањето на рати, лихварските камати не престанале да растат. Кога треба да им се наплати на најсиромашните слоеви од населението, спрегата лихвар, нотар и извршител одлично функционира, а полицијата рутински ја спроведува задачата.
Шест години подоцна, семејството Бањоглави останало без единствениот дом и сиот имот што го поседува. Оваа корелација помеѓу државните органи и локалните лихвари е уште еден доказ како функционира државниот апарат, кога се осиромашуваат обичните луѓе. Ваквиот однос, особено кон ранливите категории на граѓани мора да престане, а за решавањето на ваквите проблеми потребно е да се изнајдат системски решенија.
Заради преќин на ваквата пракса, Левица инсистира на законски решенија со кои ќе се укинат извршителите, целосно ќе се забрани постоењето на лихварите, а за сиромашните категории на граѓани ќе се обезбедат нови форми на помош како и државни позајмици (кредити) без каматна стапка.“