АктуелноЛокално

Пратениците на Левица обезбедија поддршка за интерпелација против спикерот Талат Џафери

Поднесена е интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери, соопшти пратеникот од Левица Димитар Апасиев на денешната заедничка прес конференција.


„Како што најавивме минатата недела, првичната иницијатива на двајцата пратеници на Левица за поднесување Интерпелација за работата на претседателот на Собранието на Република Македонија – г. Талат Џафери, наиде на голема поддршка кај македонската опозиција и истата денес е поднесена преку архивата на македонското Собрание.

И покрај тоа што, во катастрофалното менаџирање на внатрешната работа на Собранието на РМ, можат да се набројат над 30-на прекршувања на Уставот, законите и Деловникот – сепак, заради ограничениот простор, поднесената Интерпелација се однесува на три главни причини:

(1) повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката;

(2) свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, преку противуставно, противзаконито и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот; и

(3) повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ, загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници

Ја информираме јавноста и дека во петокот (2 јули 2021 год.), правниот тим на Левица поднесе и итна Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, кое е надлежно да врши контрола над правилната употреба на македонскиот јазик од страна на јавните и приватните субјекти.

Ги повикуваме сите пратеници, од власта и од опозицијата, да ја поддржат оваа интерпелација и заедно да ставиме крај на самоволието на собранискиот спикер, кој во последно време покажува недозволиви автократски тенденции.”